За да му се допадне на Мицкоски, албанската опозиција се откажа и од условот за уставните измени – реагира Алијанса за Албанците

Срамот и предавството на албанската опозиција денеска го откри и потврди Христијан Мицкоски, а тие не кажуваат ниту збор, што докажува колку се сервилни и потчинети. Ова е дел од реакцијата на Алијанса за Албанците, партија која е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека дел од новата влада по изборите ќе биде и коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.

Од АА оценија оти опозиционерите од албанскиот блок се подготвени да направат каков било компромис, дури и да се откажат од условувањето за усвојување на уставните измени, само за да му се допаднат на Мицкоски.

„Мицкоски денеска го потврди срамот на албанската опозиција, која е подготвена да направи секаков компромис со судбината на граѓаните, само за да му се допадне на Мицкоски. За да се постигне тоа, тие се откажаа и од условувањето за уставни измени, што значи откажување од членството на земјата во Европската Унија. Тие се подготвени да ја вратат државата во изолација само за да бидат сервилни на ВМРО и Мицкоски, а со ова ги потчинуваат Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и сите граѓани за нивните интереси“,пишуваат од Алијанса за Албанците во писмената реакција.

Од Алијанса додаваат оти партиите од „Европскиот фронт“ нема да дозволат вакво сценарио и оти со поддршка од граѓаните ќе го остварат европскиот сон.

Реакцијата на Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата предводена од ДУИ, следува откако претходно денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.

Ахмети ми праќа емисари и сака да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но во неа ќе биде „Влен“, вели Мицкоски

Во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма од пред два дена, Башким Бакиу и Крешник Бектеши – претставници на коалицијата „Вреди“ и на „Европскиот фронт“ – меѓу другото, ги кажаа и црвените линии, односно условите на своите коалиции околу нивно евентуално учество во новата влада по парламентарните избори на 8 мај.

Во преговорите за учество во која и да било идна влада, како што рече Бакиу од „Вреди“, услов ќе бидат усвојување на уставните измени и укинување на формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“. Бектеши од „Европскиот фронт“, пак, потсети дека постои потпишан документ меѓу лидерите на партиите на Албанците оти по изборите нема да коалицираат со партија која нема да ги спроведе промените на Уставот.

Back to top button
Close