Азески- Аман од неработни денови и швалерај со службени возила по ниви

Да се подигне на највисоко ниво одговорноста на функционерите и административците, да се заштити земјата од злоупотреба на моќ, да се укинат управните одбори во институциите кои ги има вкупно 1 320 со 129 000 вработени, да се спречи нерегуларното користење на службените возила со воведување посебни регистарски ознаки,оти тие возила во сабота и недела ви се на швалерај по нивите и  да се ревидираат неработните денови и да се „разбудат“ корективите на власта, порача денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Пред голем број претставници од бизнис секторот, науката и институциите, Азески, во третото месечно обраќање што го организира Комората, уште еднаш потенцира дека извозот мора да стане врвен национален приоритет, алфа и омега на македонската економија.

Тој констатира дека постои голема поларизација меѓу власта и опозицијата, како и дека земјава од 2006 година е во континуирана кампања што многу лошо се одразува врз бизнисот. Тој се осврна и на „популизмот во економските политики“, напомена дека државата не смее да му се меша на бизнисот и апелира дека секој мора да се занимава со својот домен, соодветно на функцијата што ја извршува. Неопходно е и воведување економска дипломатија.

Азески упати порака и до европските лидери – „ако ни помагаат да ни помагаат, а не да нѐ понижуваат“.

– Тешка фрустрација влечеме, дека сме неспособни сами да си ги решиме прашањата па мора да доаѓа некој од страна да ни ја крои судбината. Тоа е исто како дома да го викаш соседот да ти ги реши проблемите, а се знае како тој ги решава. Мора да собереме сила да поведеме сами иницијатива. Изборивме 74 иницијативи за регулирање на односите на Балканот и ниедна не е наша автентична, туку е од надвор. Постои и голема поларизација меѓу власта и опозицијата –видовте вчера, не можеме да разберме за што беше разговарано, „два месеца, три месеца, со ДУИ, без ДУИ“, јас не можам да разберам што 40 години се занимавам со ова, па не обичниот граѓанин – рече Азески.

Тој подвлече дека извозот мора да стане врвен приоритет.

Back to top button
Close