Бајден ја покани претседателката на Косово на вториот Самит за демократија

 

Американскиот претседател Џо Бајден ја покани косовската претседателка Вјоса Османи да учествува на вториот Самит за демократија на крајот на март, соопшти нејзиниот кабинет.

Османи ќе зборува заедно со шефовите на држави, а ќе биде меѓу десетте лидери кои ќе бидат клучни говорници на пленарната седница за улогата на демократијата во создавањето стабилни институции, стои во поканата.

Самитот за демократија е иницијатива на Белата куќа, започната со цел да се истакне успехот на демократијата за доброто на граѓаните и соочувањето со најтешките предизвици во светот.

На 9 декември 2021 година, Османи го претставуваше Косово на првиот Самит за демократија, платформа која ги обедини земјите ширум светот во напорите за консолидирање на демократските вредности и нивно дополнително промовирање и зајакнување.

Анализите на меѓународните организации покажаа дека Косово минатата година постигна „значителни успеси“ во зајакнувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата, борбата против авторитаризмот и подобрувањето на човековите права, различноста и инклузивноста, со фокус на подобрување на правата на жените и родовата еднаквост, се наведува во поканата на Бајден.

Се додава дека поради овој успех Белата куќа ја избрала претседателката на Косово да ја предводи тематската група за владеење на правото на самитот, на кој ќе учествуваат повеќе од 100 земји.

Заедно со САД, на 29 и 30 март домаќини на вториот Самит на демократијата ќе бидат владите на Костарика, Холандија, Јужна Кореја и Замбија

Back to top button
Close