Бајден: Американската демократија е нападната

Американската демократија е нападната, истакна претседателот Џо Бајден во својот говор за заштита на демократијата, што го одржа на станицата Унион во Вашингтон, недалеку од Капитол Хил.

„Американската демократија е нападната затоа што поразениот поранешен претседател на САД одби да ги прифати резултатите од изборите во 2020 година“, рече Бајден.

„Тој одбива да ја прифати волјата на народот, одбива да го прифати фактот дека загуби. Ја злоупотреби својата моќ и ја стави лојалноста кон себе пред лојалноста кон Уставот“, додаде тој. Претседателот, говорејќи на настанот на Демократскиот национален комитет ја предупреди јавноста дека државата се соочува со крстопат на изборите следната недела што може да ја разниша демократијата.

Тој нагласи дека заканите на некои републикански кандидати дека ќе одбијат да ги прифатат резултатите од изборите на 8 ноември доколку загубат, претставуваат закана за демократијата, обвинувајќи го поранешниот претседател Доналд Трамп дека ги инспирирал.

„Не правете грешка. Демократијата е на гласачкото ливче за сите нас“, рече Бајден во говорот само неколку дена пред Американците да одлучат дали демок ратите ќе ја задржат контролата врз американскиот Сенат и Претставничкиот дом или ќе ја предадат власта на републиканците.

Претседателот ги повика Американците не само да го обесхрабрат и осудат политичкото насилство, туку и да го отфрлат заплашувањето на гласачите.

„Демократијата е несовршена. Секогаш била, но сите сме повикани да ја браниме сега“, посочи тој.

Говорот е помалку од една недела по нападот врз домот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во кој беше повреден нејзиниот сопруг.

„Напаѓачот влезе во куќата и викаше: „Каде е Ненси? Каде е Ненси? Тоа беа истите зборови што толпата ги употреби кога упадна во американскиот Капитол на 6 јануари. Ние не ги решаваме нашите разлики во САД со бунт, толпа, куршум или чекан. Ги решаваме мирно на гласачката кутија. Многу работи се на коцка во овие избори на средина од мандатот, но има нешто друго во прашање: самата демократија“, рече Бајден.

Тој ги повика гласачите „да размислуваат долго и добро за моментот во кој се наоѓаме“.

Бајден рече дека „судбината на нацијата“ почива на народот, а на крајот од својот 20-минутен говор даде оптимистички тон.

„Мои сограѓани Американци, ќе се сретнеме во овој момент. Само треба да се потсетиме кои сме. Ние сме Соединетите Американски Држави. Нема ништо надвор од нашите можности ако го направиме тоа заедно“, рече тој.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос, која беше затворена во понеделникот, покажа дека 49 отсто од Американците мислат дека измамата со гласачите е широко распространет проблем, при што 34 отсто од демократите и 69 отсто од републиканците го делат истото мислење. Околу 44 отсто рекле дека се загрижени поради наместени избори во САД, вклучително и 28 отсто од демократите и 62 отсто од републиканците.

Back to top button
Close