Бајден е скептичен за изјавата на Путин дека нема намера да употреби нуклеарно оружје во Украина

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изрази скептицизам за изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека нема намера да употреби нуклеарно оружје во Украина.

-Ако нема намера зошто постојано зборува за тоа? Зошто зборува за можноста за користење тактичко нуклеарно оружје? Тој беше многу опасен во начинот на кој му пристапи, рече Бајден во интервју за телевизијата NewsNation.

Претходно во својот вчерашен говор Путин ги отфрли тврдењата дека Русија планира да употреби нуклеарно оружје во Украина, инсистирајќи дека Русија не се заканила дека ќе користи такво оружје, туку само одговара на нуклеарната „уцена“ од западните лидери.

Путин и другите руски функционери во последните неколку недели постојано изјавуваа дека Русија може да употреби нуклеарно оружје за да го заштити својот територијален интегритет, а тие изјави на Запад се толкуваат како имплицитни закани дека Русија ќе го употреби тоа оружје за да ги одбрани деловите од Украина за кои тврди дека ги анектираше, потсетуваат британските медиуми.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, во интервју за Си-ен-ен, изјави дека е можно Русија да размислува за употреба на таканаречена „валкана бомба“, а потоа за нејзината употреба да ја обвини Украина.

-Тие често ги обвинуваат другите за тоа што го прават или што ќе го направат. Затоа мораме да го сфатиме сериозно, рече Кирби, но истакна дека во моментов нема знаци дека Русите планираат да ја употребат бомбата или дека за тоа се подготвуваат.

Back to top button
Close