Бајден го повика Конгресот да спречи можен штрајк на железничарите

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска на повика на претседателот Џо Бајден, треба да гласа за блокирање на штрајкот што го најавија незадоволните железничари од преговорите за колективен договор со работодавачите.

Преговорите беа иницирани уште во септември, а бидејќи двете страни не успеаја да постигнат договор, претседателот Бајден му нареди на Конгресот да интервенира и да го спречи штрајкот најавен за 9 декември.

„Конгресот мора да дејствува за да го спречи штрајкот на железницата. Тоа не е лесна одлука, но мислам дека треба да го направиме тоа. Економијата е во ризик”, изјави синоќа Бајден.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, рече дека пратениците ќе гласаат за спроведување на рамковниот договор постигнат во септември со десетина синдикати кои претставуваат 115 илјади вработени во железницата.

Пелоси рече дека Домот денеска ќе гласа одделно за предлогот да им се дозволи на железничките работници седум дена платено боледување.

„Јас не сум за спречување на синдикатите да штрајкуваат, но одмерувајќи ги влоговите, мора да избегнеме штрајк”, рече таа по средбата со Бајден.

Американскиот претседател предупреди на катастрофални економски последици доколкиу бидат прекинати железничките услуги, нагласувајќи дека до 765 илајди Американци би можеле да останат без работа во првите две недели на штрајк.

Според Здружението на американски железници, приближно една третина од американскиот извоз директно зависи од услугите на железницата

Back to top button
Close