Бајден се надева дека Трамп ќе ги преиспита царините за Мексико и Канада
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека се надева оти новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе го преиспита својот план за воведување царини за Мексико и Канада, велејќи дека тоа може да ги оштети односите со блиските сојузници.
– Се надевам дека повторно ќе размисли. Мислам дека тоа е контрапродуктивна работа, изјави тој пред новинарите во Нантакет.
Бајден нагласи дека Америка е опкружена со Тихиот Океан, Атлантскиот Океан и сојузниците – Мексико и Канада.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп пред два дена најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.
Трамп на социјалната мрежа Truth Social напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.
Тој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалната миграција.