Бајден: Вторникот беше „добар ден“ за демократијата

Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи ги среднорочните избори на кои неговата Демократска партија помина подобро од очекуваното, рече дека изборниот ден во вторникот бил добар за демократијата, но оти резултатите покажуваат дека Американците сè уште се фрустрирани.

– Тоа беше добар ден за демократијата, изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа.

Републиканците остварија големи добивки на изборите и веројатно ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, но контролата врз Сенатот зависи од трите трки кои до синоќа сè уште беа неизвесни.

Бајден рече дека е подготвен да соработува со републиканците.

– Американскиот народ јасно стави до знаење дека очекува и републиканците да бидат подготвени да соработуваат со мене, додаде тој.

Бајден истакна дека ќе стави вето на напорите да се воведе федерална забрана за абортус и ќе се спротивстави на даночните олеснувања за богатите, две политики што републиканците може да се обидат да ги спроведат.

Американскиот претседател рече дека ќе ги покани демократските и републиканските лидери во Белата куќа за да разговараат за идните приоритети откако ќе се врати од своето патување во Азија.

Back to top button
Close