Бебињата во Прилеп починале од премрзнување, велат од прилепската болница
Двете бебиња близначиња од Прилеп починале од премрзнување, соопшти денеска ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески” – Прилеп.
„На 30.12.2024 година, во нашата установа, мајка родена во 2001 година, во својата четврта бременост (близначка), се породи спонтано. Близначињата се недоносени, родени во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, е со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, со тежина од 1.780 грама. На 10.01.2025 година, по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се испишани од болницата. На 16.01.2025 година, во 10:45 часот, на Одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина“, се наведува во соопштението од болницата.
Оттаму додаваат дека по приемот на женското новороденче, веднаш била преземена интензивна медицинска интервенција.
„Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебиња и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче. Изразуваме длабоко жалење за загубата и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти“, се вели во соопштението