Бегај: Проширувањето на ЕУ не може да се исполни без признавање на Косово
Шефот на албанската држава Бајрам Бегај, на свечениот прием организиран од Амбасадата на Косово во Тирана, повика на „продлабочување на соработката меѓу двете албански држави и што поскоро членство во Европската унија”.
Тој изрази благодарност и почит до политичките лидери, борците на ОВК и сите Албанци „кои сонот за слобода и независност го направиле реалност“, поддржани од меѓународните сојузници и НАТО.
За време на поздравниот говор, Бегај оцени дека независноста на Косово е дел од темелот на мирот во регионот и како таква останува важен столб на европската безбедност.
Тој упати апел до Европската унија да ги олесни односите со Косово, како и земјите членки кои се уште не го признале да ги преиспитаат своите одлуки.
– Од стратешка гледна точка, проширувањето на Европската унија со нови земји и нејзината улога во обезбедувањето мир, развој и демократија на целиот континент не може да се исполни доколку има земји членки на Европската унија кои не ја признаваат најпроевроската држава – Косово, оцени тој.
Бегај упати честитки до косовските власти за постигнатото во овие 17 години, во функција на граѓаните и демократијата, поздравувајќи го и последниот изборен процес во Косово.
Тој рече дека „Албанија и Косово се две држави на еден народ, албанскиот“.
– Сакам да поттикнам поактивна и конкретна соработка, особено на економски план меѓу нашите две влади и институции, соработка која треба да ја надмине денешната политика и бирократските пречки и која носи повеќе размени и придобивки за граѓаните на нашите две земји. Изгубеното време мора да го добиеме во интерес на нашите граѓани и нашите заеднички цели за интеграција, стабилност и благосостојба, рече меѓу другото Бегај, објави АТА.