Бектеши: Ќе продолжиме со дополнителни мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија

Северна Македонија не го плаќа со руски рубљи гасот што го добива од „Газпром“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата за надворешна политика „Светот и ние“ на БНТ, јави дописникот на МИА од Софија.

Бектеши наведе дека Северна Македонија за гасот плаќа со евра, посочувајќи дека ниту едно плаќање од страна на властите во Скопје не е направено со руски рубљи, туку со евра, а во некои од случаите трговците плаќале со долари.

– Република Северна Македонија во целост ги поддржува решенијата на Европската Унија и на Европската комисија, бидејќи единствената цел е започнување на преговири со ЕУ за пристапување и поради тоа одлуките поврзани со руската воена инвазија во Украина, Северна Македонија ги прифаќа и исполнува, потенцираше Бектеши.

Министерот посочи дека Северна Македонија нема големи трговски размени со Русија и оти трговијата меѓу Скопје и Москва е 1.5 проценти, речиси колку што е и со Украина.

– Сепак војната во Украина влијае врз македонската економија, бидејќи земјата е обврзана со европските пазари. Ценовните шокови во сферата на прехранбената индустрија и енергетика се одразуваат врз македонската економија. Ќе продолжиме со дополнителни мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија, рече Бектеши.

Тој потсети дека Скопје покажал интерес за градењето на уште гасовод конектор меѓу Бугарија и Северна Македонија (Петрич-Струмица). Двете држави, како што рече Бектеши, можат заедно да конкурираат за заедничко финансирање од европските фондови. -Северна Македонија сака да ги продлабочи своите енергетски врски и со Република Бугарија и со Република Грција со цел да обезбеди обезбеди диверзификација на изворите на енергија, посочи Бектеши

Back to top button
Close