Белград е најзагадениот главен град, на граѓаните им се препорачува да не излегуваат од домовите

Граѓаните на Белград повторно го дишат најзагадениот воздух во светот, а нивото на загаденост во главниот град на Србија се карактеризира како опасно по здравјето на жителите, јави дописникот на МИА од Белград.

Предизвикувачот за енормното загадување на воздухот во Белград, но и во другите градови во Србија, секако е грејната сезона со голем број индивидуални ложишта, а мерните станици кои го бележат квалитетот на воздухот покажуваат драстично зголемено присуство на ПМ честичките-171 US AQI.

Белград минатата година неколку пати беше најзагаден град во светот.

-Високото ниво на загаденост на воздухот може да биде опасно за сите луѓе, особено за чувствителните категории на населението како што се децата, трудниците, хроничните пациенти. Акутни проблеми предизвикани од аерозагадувањето се иритација на очите и носот, чешање, кашлање, чувство на задушување и недостиг на воздух. Поради ова, пациентите со знаци на бронхитис, влошување на хронична опструктивна белодробна болест – ХОББ и бронхијална астма се меѓу првите кои доаѓаат кај лекарите, изјави за порталот Н1 прим. д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања.

Според податоците на Светската здравствена организација, поради лошиот воздух во Србија предвреме годишно умираат околу шест илјади луѓе, што Србија ја носи на неславното прво место во Европа и десетто во светот. Тие бројки се високи и во земјите во регионот бидејќи загадениот воздух не познава национални граници. Најчист воздух дишат жителите на скандинавските земји, каде просечниот животен век е дури десет години подолг од Србија.

Попладнево Скопје е во жолтата, умерена категорија на загадување. Македонската престолнина е на 17-70 место со ПМ честичките-124 US AQI.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close