Беран Алији по потекло од Гостивар е првоосомничениот за планираните напади во Виена
Главниот осомничен за терористичките напади кои требало да се случат на концертите на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт признал дека го планирал злосторството, соопштија денеска австриските власти.
Деветнаесетгодишникот кој вчера беше уапсен во Терниц, како што претходно беше соопштено, е државјанин на Австрија, а по потекло е од Северна Македонија.
Неговото име е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар, дознава „360 степени“. Информацијата ја потврдиле од три независни едни од други извори, кои имаат пристап до доверливи документи.
Покрај него, уапсени се уште две лица, едното на 17-годишна, а другото на 15-годишна возраст.
Како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност Франц Руф на денешната прес-конференција, заедно со министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер, првоосомничениот имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење на ладно оружје.
„Неговата цел била да се убие себеси и голем број други луѓе“изјави Хаијави-Пирчнер, пренесува австриск„Пресе“ (Die Presse).
Според досегашните сознанија на истрагата, тој немал билет за концертите на Свифт, но и не му бил потребен од негова перспектива бидејќи планирал да го изврши масакрот пред стадионот во моментот додека околу него имало голем број обожаватели на музичката ѕвезда.
„Неговиот план бил да ги убие и луѓето надвор од стадионот“,рече шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање на Австрија.