Масата на која вчера седевме тежи 150 илјади гласа. Платформашите експресно му вратија на Филипче

Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа. Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат од иницијативата

Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност, е ова изгубено партиско раководство чија единствена цел е да се докопаат до пратенички мандати, реагираат од платформата „Разговори за иднината 12:05“ по денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Мнозинството членови на СДСМ мислат со своја глава и знаат да препознаат кој за што се бори, велат од иницијативата за реформи во СДСМ и додаваат дека обвинувањата на Филипче упатени кон нив се манипулативни.

„На втората сесија на ’Разговори за иднината во 12:05’ имаше идеолошка, експертска и демократска дебата која во СДСМ не се случила со години. Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа. Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО – ДПМНЕ“, велат од платформата.

Од платформата го обвинија Филипче дека се претставува во јавноста како жртва, а всушност тој е, како што велат, „егзекуторот на највалканиот дил“ во поновата политичка историја на Македонија.

„Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Венко Филипче нема образ за обвинувањата кои ги пласира. На пример, во неговиот Централен одбор седи Рубин Земон, човекот кој го оспорува Македонскиот великан Гоце Делчев. Со Левица ние имаме многу разлики за различни прашања, но сме согласни за едно, ’на ти – дај ми’ тандемот Мицкоски – Филипче мора да бидат поразени“, се наведува во реакцијата.

На денешната прес-конференција Филипче ги обвини поддржувачите на платформата „Разговори за иднината 12:05“ дека се сателити на Мицкоски и дека работат против интересите на СДСМ. Тој ги нарече пучисти и шемаџии кои соработуваат со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и дека нивниот план за реформи во СДСМ кој сакаат да го достават до раководството на партијата е пишуван во белата палата на Мицкоски.

„Видовме на едно место мала група на пучисти на поранешни функционери на СДСМ но и членови на други партии. На ЛДП, на луѓе вработени во ЗНАМ, но и на Левица – партија со целосно спротивни вредности од нашите. Партијата која отворено затапува руски и кинески инетреси кај нас и е финансирана од Русија и Кина, тука, во НАТО земја… сите тие седнати на едно место, сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место, тотална шизофренија“, рече Филипче.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close