Бербок: На жителите на Газа итно им е потребна поголема хуманитарна помош

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го повика Израел да дозволи поголема хуманитарна помош во северниот дел на Газа, каде луѓето се соочуваат со глад и критични нивоа на акутна неисхранетост.

Бербок телефонски разговарала со својот израелски колега Израел Кац за најновите случувања и хуманитарната ситуација во северниот дел на Газа, соопштија денеска германски дипломатски извори.

 

„Ситуацијата во северниот дел на Газа станува се поочајна секој ден. На луѓето таму итно им е потребна поголема хуманитарна помош“, се вели во краткото соопштение на Министерството објавено на социјалните мрежи, по разговорите на министрите.

Германското Министерство за надворешни работи, исто така, го повтори очекувањето на Берлин за напредок во разговорите за прекин на огнот во Газа по смртта на лидерот на Хамас Јахја Синвар во израелска воена операција минатата недела.

„Смртта на Синвар ја отвора вратата за конечен крај на ужасната војна во Газа и ослободување на сите заложници“, соопшти Министерството, мислејќи на израелските затвореници кои беа земени во нападот предводен од Хамас на 7 октомври.

Обединетите нации денеска предупредија на катастрофална хуманитарна ситуација во северниот дел на Газа, велејќи дека персоналот на ОН не може да најде храна, вода или лекови за Палестинците заробени таму.

Шефот на УНРВА, Филипе Лазарини повика на итен прекин на огнот за да се овозможи хуманитарната помош да стигне до енклавата и да се овозможи безбеден хуманитарен премин за семејствата кои сакаат да заминат од таму.

Back to top button
Close