Бесими: Инвестициите во општински енергетски ефикасни објекти е од големо значење за заздравување на економијата

Бесими за МИА: На дневна основа се следи состојбата во буџетот, средства за планираните буџетски потреби ќе има - МИА

Од 50 илјади до 750 илјади евра е сумата за која општините во Република Северна Македонија ќе можат да аплицираат на јавниот повик за користење средства за инвестиции во општински енергетски ефикасни објекти, чиј вкупен фонд изнесува 10,5 милиони евра, а беше објавен пред една недела.

-Инјектирањето средства во проекти што имаат силна додадена вредност е од големо значење за заздравување на економијата, а понатаму и за забрзување на економскиот раст, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на инфо-сесијата организирана од страна на Министерството за финансии за „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“, што се спроведува со поддршка од Светска банка.

Целта на инфо-сесијата е општините да можат да се информираат за начинот на аплицирање на јавниот повик за користење средства за инвестиции во општински енергетски ефикасни објекти.

– Овој проект е од големо значење од аспект на јакнењето на фискалниот капацитет на општините. Оттаму, верувам дека многу брзо ќе лоцирате кај кои објекти во општината треба да се делува и дека ќе аплицирате за расположливите средства. Големиот интерес за овој проект дава добра слика дека сме подготвени да се соочиме со глобалните предизвици, како што се одржливост на енергетската иднина и здрава животна околина, истакна Бесими.

На настанот свое обраќање имаше и директорот на Светска банка за РС Македонија, Масимилијано Паолучи кој информираше дека една од главните цели на овој проект е да се создаде одржлив финансиски механизам што ќе овозможи зголемување на енергетски ефикасните инвестиции во јавниот сектор. 

-Воспоставувањето Фонд за енергетска ефикасност, што се планира во рамки на овој проект, како револвинг финансиски механизам, ќе овозможи поддршка на зголемени инвестиции чија цел е подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, а подоцна и во останатите сектори. Овој револвинг механизам ќе овозможи Фондот да продолжи со инвестициите во јавниот сектор, особено во општините, преку овозможување континуирано вложување во енергетска ефикасност откако ќе заврши Проектот, информира Паолучи. 

Потенцира дека проектот покрај енергетски заштеди ќе придонесе и за креирање локални „зелени“ работни места. Како што рече, реновирањата на објектите и подобрувањето на квалитетот на јавното осветлување, вообичаено се изведува од страна на локалните компании. 

Со потпишување договор со Министерството за финансии, 80 проценти од одобрените средства општината ќе ги добие како подзаем, додека останатите 20 отсто како грант. Од страна на Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени за избраните проекти, ќе бидат покриени и трошоците за подготовка на енергетска ревизија и за техничка документација за проектите.

Претставниците на општините истакнаа дека овој проект е од особено значење за нивните општини, како и дека во моментов ги дефинираат јавните објекти со коишто ќе аплицираат на јавниот повик во рамки на Проектот.

Вкупната вредност на „Проектот за енергетска ефикасност“ е 25 милиони евра, при што дел од овие средства се наменети за енергетски ефикасни инвестиции во објекти на централната власт, во здравствениот сектор, како и за воспоставување на Фондот за енергетска ефикасност.

Back to top button
Close