Бесими: Учеството на стопанските комори има важна улога во процесот на унапредување на економските односи меѓу С. Македонија и Бугарија

 Зајакнување на економската соработка, нови странски инвестиции во С. Македонија и Бугарија и интензивирање на изградбата на патниот и железничкиот коридор меѓу двете држави е заклучокот од средбата што се одржа меѓу владините претставници и стопанските комори од македонска и бугарска страна.

Состанокот, како што информираше попладнево Министерството за финансии, е одржан во рамки на првиот состанок на новоформираната работна група за економија, трговија и иновации меѓу С. Македонија и Бугарија.

– Учеството на стопанските комори има важна улога во процесот на унапредување на економските односи меѓу двете држави. Преку конкретни програми за соработка ќе се работи на подобрување на деловната клима со цел да се зголеми обемот на инвестициите, а идеите и предлозите од бизнис заедницата имаат додадена вредност на веќе утврдените приоритетни области и програми,  како и на оние кои ќе произлезат од нивна страна, нагласил министерот за финансии Фатмир Бесими.

Бугарскиот министер за инвестиции Даниел Лорер потенцирал дека ќе се работи на подобрување на бизнис климата, како и на подобрување на инвестициите во иновативните компании и други финансиски инструменти. 

Претставниците на стопанските комори изразиле интерес за зголемување на економската соработка и зголемување на инвестициите.

На состанокот, покрај министрите Бесими и Лорер, присуствувал и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Од македонска страна биле присутни претставници од Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија, АмЧам,  Делегацијата на германско стопанство, МАСИТ и Mакедонско-бугарската стопанска комора. 

Од бугарската страна биле присутни АмЧам – Бугарија, од Асоцијацијата за иновации, од Бугарската асоцијација за инфоматички технологии, од Бугарската индустриска асоцијација, Бугарско-Македонската стопанска комора, Бугарско-Шпанската стопанска комора, Бугарско-Македонски бизнис клуб, и Француско-Бугарската стопанска комора.

Back to top button
Close