Бесими: Високиот ранг на Индексот за активна транспарентност потврда за заложбите за унапредување на фискалната транспарентност
Високото рангирање на Министерството за финансии помеѓу државните институции според Индексот за активна транспарентност за 2021 година, е потврда за нашите заложби за континуирано подобрување на фискалната транспарентност, напиша министерот за финансии Фатмир Бесими на својата Фејсбук страна.
Министерството за финансии е второ на листата од министерствата според активна транспарентност, а четврто од сите државни институции, и бележи скок од 9,2 процентни поени во однос на минатата година со 94,4 од можни 100 проценти.
-Наш главен фокус е креирањето подобар систем на јавни финансии, што ќе води кон раст на економијата и подобар квалитет на живот за сите граѓани. Индексот на активна транспарентност потврдува дека нашите постојани активности за подигање на фискалната транспарентност даваат резултати и во таа насока ќе продолжиме и во иднина, пишува Бесими.
Министерството за финансии, како што нагласува, има креирано повеќе алатки за фискална транспарентност. Фискалниот бројач, кој на дневна основа ги прикажува буџетските приходи, расходи и капитални расходи, нивната реализација во однос на планот, како и месечни податоци за државниот долг. Календарот на даночна регулатива, каде се објавени сите планирани промени на даночната регулатива до крајот на годината, со што на бизнис заедницата и на јавноста им се овозможува поефикасно и поефективно да ги планираат своите активности. Порталот „Отворени финансии“, кој овозможува преглед на сите исплати од Трезорот. Веб апликацијата „Граѓански буџет“, која на едноставен начин покажува како се крои буџетот, на кој начин се полни и како се трошат распределените средства. Платформата „Јавен долг“ каде може да се следи состојбата на долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за тековната година, како и финансирањето на истиот. Алатката „Капитални расходи“, која покажува колку од капиталните расходи предвидени со Буџетот секоја институција има реализирано досега – како процент од планираното и апсолутен износ, како и колку треба да се реализира до крајот на годината.
-Со објавувањето на сите овие информации значајно се подобрува фискалната транспарентност, а со тоа се креира и подобар систем на јавни финансии. Кога граѓаните и компаниите се добро информирани и знаат како јавните институции ги трошат средствата собрани од даноците, тие можат да се вклучат во процесот на планирање, да бараат одговорност од институциите, како и да прават притисок трошењето да се прави на поефикасен начин, пишува министерот.
Индексот за активна транспарентност покажува колку институциите објавуваат информации на сопствена иницијатива, без притоа да има доставено барање за пристап до тие информации. Активната транспарентност на државните институции е подобрена за 5 процентни поени.