Би-Би-Си: Маскирани мигранти тајно работат за грчката полиција и бркаат други мигранти

Полицијата во Грција регрутирала мигранти за насилно да одвраќаат други мигранти преку копнената граница со Турција, покажуваат голем број докази кои ги објави Би-би-Си.
Според полициските документи, до кои дошла Би-би-си, стражарите опишуваат како регрутирањето на таканаречените платеници било нарачано и надгледувано од високи офицери. Тие откриваат наводи за бруталност, при што сведоците известуваат дека мигрантите биле соблекувани, ограбувани, тепани, па дури и сексуално нападнати. Се тврди дека платениците биле неофицијално вработени на границата веројатно од 2020 година.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за Би-би-си изјавил дека „воопшто не бил свесен“ за наводите за користење на мигранти за враќање на други мигранти, додека властите на земјата не одговориле на барањата за коментар.
Ваквите принудувања на мигрантите и барателите на азил да се вратат назад преку границите без соодветна постапка, посочува Би-би-си, генерално се сметаат за нелегални според меѓународното право.
Тврдењата дека тие биле извршени во Грција од странски маскирани мажи беа објавени во 2022 година од страна на новинската организација со седиште во Холандија, Lighthouse Reports.
Истрагата која ја спроведе Би-би-си, во соработка со Консолидираната група за спасување (CRG) – започнала минатата есен, кога им било испратено вознемирувачко видео на кое, како што пренесува овој медиум, наводно се гледа како платеници малтретираат мигранти.
Видеото им го споделил еден шверцер, кој тврдел дека е незадоволен од своите соработници. Од Би-би-си велат дека не можеле да ја потврдат содржината, но дека таа ги отсликува извештаите што ги собрале од други независни извори.
Во документите што ги собрале од мигранти, поранешни платеници, полициски извори, официјални документи и протечени транскрипти се наведува: „Еден граничар на дисциплинско сослушување изјави дека има информации, пријавени на нивните претпоставени, дека платеници силувале жени мигрантки. Двајца мигранти и еден поранешен платеник велат дека виделе екстремно насилство и од страна на платеници и од страна на грчката полиција, вклучително и тепање луѓе додека не се онесвестиле. Една мигрантка вели дека маскиран маж ѝ ја соблекол пелената на нејзината ќерка во потрага по вредни предмети“.
Во Грција има повеќе од еден милион пристигнувања на мигранти од 2015 година – главно преку морски премини, но и по должината на копнената граница со Турција. Оваа граница се протега 200 км по должината на реката Еврос.
Бегалците или нелегалните мигранти што ја преминуваат реката во Грција влегуваат во силно милитаризирана ограничена зона, преполна со стражарски кули.
Полициски извор во регионот рекол дека платеници се користат за враќање на стотици луѓе неделно.
„Нема војник, полицаец или службеник на Фронтекс (гранична агенција на ЕУ) што служи тука во Еврос, а не знае дека се случуваат враќања“, рекол изворот.
Според истрагата на Би-би-си, платениците се самите мигранти, регрутирани од земји како Пакистан, Сирија и Авганистан, кои можат да бидат наградени со пари и мобилни телефони украдени од други мигранти, како и документи што, всушност, им овозможуваат премин низ Грција.






