Блумберг Адриа: Храната во регионот најскапа во Словенија, најевтина во Македонија. Но, според платите е поинаку

Слични цени во маркетите, но различен есап на крајот. Вака во една реченица би го опишале пазарувањето што редакциите на Блумберг Адриа го направија во средата, на 28 септември. Новинари од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцeговина во исто време беа да купуваат исти производи. Пазаревме 16 основни намирници, а изборот беше најблискиот маркет до редакцијата, но кој што остварил најголеми приходи во 2021 година. Според тоа, се пазареше во македонски „КAM“, босански „Бинго“, српски „Макси“, во хрватскиот маркет „Конзум“ и во словенечкиот „Меркатор“.

Инфлацијата подолго време е дел од нашето секојдневие и граѓаните веќе се навикнаа на постојан раст на цените. Со оглед на тоа што сме сведоци дека во продавниците цените се менуваат буквално секојдневно, излеговме да пазаруваме во исто време, во средата, на 28 септември, во 13 часот.

Знаејќи дека понудата во маркетите е многу голема, но и дека не секаде се нудат еднакви производи, се обидовме да ги споредиме цените на најевтиниот производ од конкретниот список на прехранбени и производи за хигиена.

(…)

Пазаревме исти производи, но сметката различно „нѐ удри“ по џеб

За купување на вкупно 16 конкретни производи, определени според вид и големина на пакување, најмалку ќе платат потрошувачите на македонски КAM. Сметката таму во случајов чини 19,23 евра. Тоа е за 3 евра помалку отколку кога истите производи би се купиле во српскиот маркет „Макси“. Таму сметката чини 22,24 евра. За купување на истиот список артикли во маркетот Бинго во Босна и Херцеговина ќе се потроши 23,35 евра. Во хрватскиот „Конзум“ вкупната вредност на производите е 25,51 евра, додека највисока е сметката во словенечки „Меркатор“, каде треба да се плати дури 30,48 евра.

Секако дека нема правила и цените на производите во ист ланец маркети може да бидат различни, зависно од локацијата, големината на продавницата, конкуренцијата во околината итн. Затоа, уште на почетокот потенциравме дека се опсервираа цените на производите во ланецот маркети со највисоки приходи во текот на минатата година, но во објектите лоцирани најблиску до редакциите на Блумберг Адриа.

Невозможно е да преминеме и преку еден друг многу важен фактор-платите. Во табелите со цени на производите ретко гледаме значajни разлики, што не е случај со просечната плата.

Според официјалната статистика за месец јули, како последни објавени податоци, Македонците имаат најниска просечна плата од 515 евра, во Босна и Херцеговина просекот на нето платата е за над 50 евра повисока и изнесува 571 евро. Нешто подобри од тоа се Србите, чија плата е 623 евра. Далеку подобри се примањата во Хрватска и Словенија. Хрватите имаат двојно повисока плата од Македонците, или 1.006 евра, а Словенците се подобри за 2 и пол пати, со просечна нето плата од 1.304 евра.

Разликата меѓу најниската и највисоката просечна плата е скоро 800 евра, но разликата во потрошените пари во маркетот за истите производи е 11 евра.

Повеќе

Back to top button
Close