Бочварски: Реализацијата на капиталните инвестиции ќе продолжи да расте се до крајот на годинава
Капиталните инвестиции во вториот дел од годината бележат сериозен раст и досега нивната реализација во Министерството за транспорт и врски е преку 62 проценти, а на државно ниви се над 50 проценти, потврди денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Очекувањата се дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе продолжи да расте се до крајот на годинава колку што е можно и колку што ќе дозволат временските прилики. Сметам дека во време на ковид-криза имаме добар исчекор и добар раст посебно во овој дел од годината, но сум оптимист дека во текот на наредната година капиталните инвестиции дополнително ќе бидат мотор на економијата и со тоа ќе можеме да ја извлечеме целата држава и да им помогнеме на институциите и на здравствените работници во справувањето со ковид-кризата, рече Борчварски во одоговор на прашање при денешното одбележувањето на воспоставувањето нова директна авиолинија меѓу Скопје и Киев.
Тој посочи дека има кратење на инвестиции во сите проекти во кои се случува одреден застој и тоа не само во капиталните проекти.
-Има проекти кои не бележат сериозен или брз раст и таму има одредено кратење за да ги насочиме парите кон мерките од четвртиот пакет за да им помогнеме на граѓаните. Во четвртиот пакет се реалоцирани 470 милиони евра за да помогнеме на економијата и на компаниите, да ги задржиме компаниите и да успееме да ја пребродиме кризата и да не дозволиме да ни се сруши системот на економијата и луѓето да останат надвор од своите компании и да се губат работни места. Токму затоа предност во овој момент секоја држава, а не само нашата, дава на задржување на стабилноста на економијата, потенцира Бочварски.
Нагласи дека во вакви услови треба да бидеме оптимисти со моменталниот процент на реализација на капиталните инвестиции кои во Министерството за транспорт и врски изнесува 62 процента и,како што потенцира, ќе растат до крајот на годината.