Болните од цистична фиброза се задоволни од средбата со работната група, очекуваат позитивен исход
Асоцијацијата за цистична фиброза денеска одржа средба со работната група во Министерството за здравство која работи на законите за полесна набавка на лекови. Претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар вели дека е задоволен од средбата и се надеваат дека нема да има препреки во решавањето на овие проблеми.
Работната група составена од претставници на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, од јавни набавки, како и од Владата, работи брзо и посветено. Се работи на промена на трите закони. Како Асоцијација, ова е тоа што го баравме и засега, сметаме оти процесот ќе има позитивен исход, изјави Гаспар за МИА.
Тој повтори дека се работи на системско решение, не само за нив, туку и за други проблематики како нивните.
Мојата надеж е дека нема да излезат многу препреки и оти за брзо време ќе се излезе со предлог-закон што ќе може да оди во Собрание, додаде Гаспар.
Потсети дека со интервентниот увоз на лекот „трикафта“, неопходен за лицата со цистична фиброза, нема проблеми, тој е порачан, а сега се чека компанијата да ја заврши нејзината работа.