Бомгартнер: Франција ќе се обиде да го олесни процесот со Софија за побрз старт на преговорите со ЕУ

Визијата на Франција, како претседавач со ЕУ, за регионот на Западен Балкан содржи јасни европски перспективи, подразбира да инвестираме во регионот и да имаме заедничка амбиција во наредните децении, изјави францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, на денешната амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори.

Во однос на спорот на Северна Македонија со Бугарија, Бомгартнер рече дека Париз останува мобилизиран и ќе се обиде да помогне за олеснување на процесот со цел поскоро започнување на преговорите со ЕУ. Во контекст на евроинтеграциите тој укажа и на Конференцијата за Западен Балкан во рамки на француското претседателство, што ја најави претседателот на Франција, Емануел Макрон за јуни годинава

 

 

„Конференцијата што е предвидена во јуни нема да биде специфична конференција наменета само за проширувањето, но тоа ќе биде централната тема и освен конференцијата за оваа специфична тема, Франција веќе имала во повеќе наврати, поводи и тоа на највисоко ниво да ја покаже својата посветеност и ангажман за унапредување на европската перспектива на овој регион, а особено за европската кандидатура на Северна Македонија и сакаме и продолжуваме да сме активно мобилизирани. Постои тој спор и тие дискусии кои се водат помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кои се ветувачки и намерата на француското претседателство со Советот, во тесна координација со сите други европски институции, да се обидеме во соодветниот момент да го олесниме тој процес, за да добиеме она што е наша заедничка цел, а тоа е отворање колку што е можно побрзо на преговорите за членство во ЕУ -рече Бомгартнер.

Тој појасни дека во однос на самата конференција контурите се уште не се дефинирани, нагласувајќи дека се уште се бара најсоодветниот формат за разговор, како и содржината што ќе биде најкорисна.

„Постои француска волја да бидеме дел од една глобална визија во таа европска екипа во Брисел. По француското претседавање со ЕУ ќе претседава Чешка и тоа претседателство има намера да организира исто така самит ЕУ – Западен Балкан. Ќе се обидеме меѓу тие два настани совршено да се координираме. Францускиот претседател зборуваше за конференција, не за самит за Западен Балкан. Темата за конференцијата е тема за која се подготвуваме уште отсега – рече францускиот амбасадор

Клучна тема, на која Париз и придава значење, додаде тој, е важноста на регионалната интеграција, нешто што е сосема кохерентно со француската стратегија за Западен Балкан, која самиот претседател на Франција ја посакуваше и која пошироко соодветствува со генералниот пристап на ЕУ за овој дел од светот.

„Таа цел е многу важна затоа што има две работи. Првата, забележуваме дека постои недостиг на поврзаност во зоната и не треба да даваме конкретни примери, но фактот што се промовира европската регионална интеграција, значи земјите потесно да соработуваат во регионот, а со тоа се зголемува регионалната стабилност. Втората важна работа е дека регионалната интеграција значи да спроведуваме заеднички проекти, со одредени финансии кои треба да се спроведат со точно утврдени европски правила, според европски норми. Затоа регионалната интеграција е нешто со кое се забрзува прилагодувањето кон правилата на Унијата. Токму во таа перспектива треба да ги реализираме регионалните иницијативи што не значи никаква замена за процесот на пристапување – порача Бомгартнер.

Важна точка, нагласи амбасадорот, е и неопходноста за зајакнување на стратегиската стабилност на овој регион. Во тој дел, наведе тој веќе се спроведуваат специфични активности кои се дел од амбициозен план во европски рамки.

 

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска за „Утрински брифинг“ изјави оти напорите на францускиот претседател Емануел Макрон во однос на пристапот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ се искрени, но „тоа не значи дека проблемите ќе ни ги реши некој друг“.

 

Пред два дена, на крајот од посетата на македонската владина делегација на Софија, шефот на француската дипломатија Жан Ив Ле Дријан оцени дека се чини оти работте меѓу двете држави одат во вистинска насока и изрази надеж дека започнатата иницијатива ќе најде конкретен израз за да може да се свика меѓувладина конференција под француско претседателство или, најдоцна, под чешкото претседателство

 

 

Back to top button
Close