Десет милијарди евра за критични суровини: Македонија не смее да биде нем набљудувач на европските промени
Додека Европската Унија издвојува дополнителни 10 милијарди евра за развој на рударството и обезбедување критични суровини, Македонија мора да ја препознае можноста што ја носат новите европски економски и индустриски приоритети.

Европратениците од Комисијата за индустрија, истражување и енергетика изгласаа измени на предложениот буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година, со кои се предвидува дополнителна финансиска резерва во рамките на Европскиот фонд за конкурентност. Целта е да се поддржат стратешките инвестиции во критични суровини, истражувања и развој на индустриски капацитети.
Причината за ваквата одлука е сè поголемата зависност на Европа од увоз на минерали, особено од Кина, што ја ограничува нејзината индустриска конкурентност и стратешка автономија. Без сигурно снабдување со бакар и други критични суровини, невозможно е да се реализираат амбициите за енергетска транзиција, развој на нови технологии и зајакнување на одбранбената индустрија.
Во овие процеси Македонија не треба да биде нем набљудувач. Напротив, потребно е навремено да го искористи сопствениот минерален потенцијал, да создава услови за нови инвестиции и да го развива рударството преку современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина.
„Обезбедуваме наменски фонд за критични суровини и директен пат од европските истражувања до европските фабрики. На овој начин ја обновуваме нашата индустриска база, ги намалуваме нашите стратешки зависности и осигуруваме дека технологиите на иднината – од чисти технологии до одбрана – ќе се произведуваат во Европа“, изјави романскиот европратеник од редот на социјалдемократите, Дан Ника.
Од Европската асоцијација за метали (European metals), која ги обединува компаниите и националните здруженија кои работат со метали како бакар, алуминиум, цинк, никел и литиум, соопштија дека зголемениот буџет е само прв важен чекор кон постигнувањето на сигурен синџир на снабдување.
„Комисијата во Европскиот Парламент испрати силен сигнал дека Европа сериозно пристапува кон обезбедувањето на суровините неопходни за нејзината иднина. Одвојувањето на наменски буџет од 10 милијарди евра претставува апсолутен минимум потребен за одржување на кредибилитетот на европската политика за критични суровини. Ова ќе му обезбеди на Центарот за критични суровини дел од ресурсите неопходни за започнување со исполнување на неговиот мандат, поддршка на стратешките проекти и зајакнување на синџирите на вредност на суровините во Европа“, изјави Џејмс Вотсон, генерален директор на Асоцијацијата.
Оттаму потсетија дека енергетската транзиција, дигиталната транзиција и одбраната на Европа зависат од металите произведени во Европа и од пристапот до критичните суровини.
„Иако овие средства претставуваат значајна пресвртница, тие треба да се сметаат за минимална почетна точка, а не за ниво на поддршка што соодветствува на обемот на предизвикот со кој Европа се соочува во однос на критичните суровини. Други големи економии, кои се конкуренти на Европа, воведоа значително пообемни шеми за поддршка со цел да ги обезбедат синџирите на снабдување со критични суровини и да привлечат инвестиции. На пример, Канада издвои 15 милијарди канадски долари за критичните суровини. Европа мора да преземе одлучни чекори за да ја докаже својата веродостојност во однос на критичните суровини“, се додава во нивното соопштение.
Додека Европа обезбедува пари и се залага за што повеќе проекти за ископ на критични минерали, македонското рударство стагнира. Дополнително, постои и само една инвестиција во експлоатација на критична суровина во Македонија, а тоа е бакарот во Иловица. Од иницијативата „И здравје и работа“, која ги поддржува проектот за рудник, соопштија дека светот влегува во нова фаза на развој на рударскиот сектор, а активирањето на домашните минерални потенцијали е можност за нови инвестиции, работни места, развој на домашните компании и технолошка модернизација на македонското рударство.
„Во овие процеси Македонија не смее да стои отстрана. Напротив, треба навреме да ги препознае можностите што ги носи новата глобална економска реалност и да ги стави во функција сопствените минерални потенцијали, со јасна визија за развој на современо, конкурентно и одговорно рударство. Ова не треба да го правиме само затоа што Европа има потреба од сигурни извори на критични суровини. Пред сè, тоа е можност за развој на домашната економија“, соопштија од „И здравје и работа“.
Иницијативата порачува Македонија да не ги пропушти развојните шанси и да не биде само набљудувач на новите економски и технолошки промени.






