Братот на осомничениот за убиството на Данка Илиќ почина во притвор

Во притвор во ПУ Бор починал Д.Д.(40), братот на осомничениот за убиството на двегодишната Данка Илиќ, кој беше приведен поради сомнение дека помагал во делото, дознава Телеграф.рс.

Му се слошило во раните утрински часови.

-И покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор кои се обиделе да го реанимираат, тој починал во 3 часот и 10 минути, а лекарот судска медицина констатирал природна смрт, се наведува во соопштението на МУП.

Како што се посочува, за настанот веднаш било известено Вишото јавно обвинителство во Зајечар, кое наредило обдукција во Институтот за судска медицина во Белград.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија продолжуваат со интензивните претреси на теренот на територијата на градот Бор во потрага по телото на двегодишната Данка Илиќ, за чие убиство се осомничени две лица на 50-годишна возраст, а кои беа уапсени на 4 април, информираат од српското МВР.

Повеќе десетици припадници на полицијата со најсовремена опрема денеска ја пребаруваат Лазарева пештера, која се наоѓа на околу три километри од селото Злот, во кое живее едниот од осомничените за убиството на Данка, а кој, според сомневањата на полицијата, го префрлил телото на детето од депонијата кај Бањско Поље на друга локација два дена по убиството.

Потрагата и претресите, како што се наведува, се одвиваат вдолж Лазаревиот кањон, како и на целиот простор покрај Злотска Река.

Back to top button
Close