Бугарија ја стопира модернизацијата на дел од железничките делници во рамки на Коридорот 8

Модернизацијата, односно реконструкцијата на дел од бугарската пруга во рамки на Коридорот 8 беше дел од разговорите на С Македонија и Бугарија со цел постигнување договор за интензивирање на работите за железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија

Во ек на интензивирани преговори меѓу С Македонија и Бугарија за изградба и модернизација на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и од бугарска страна, владата во Бугарија донесе одлука за одложување на модернизацијата на делниците Софија-Перник и Перник-Радомир, кои се дел од овој коридор.

Ваква одлука донела владата на бугарскиот премиер Росен Желјазков, во рамките на измените на програмата „Транспортна поврзаност 2020-2027“.

Според објавата на бугарскиот портал „Медиапул“, имплементацијата на двата железнички проекти Софија–Перник и Перник–Радомир, за кои биле издвоени 500 милиони евра, се исклучени од финансирање во тековниот програмски период 2020-2027 година поради доцнење и недостиг на средства.

Во 2019 година, како министер за транспорт, Росен Желјазков се пофали дека растојанието од Софија до Скопје ќе го помине со воз за помалку од еден час во 2025 година. Денес, пак, како премиер очигледно не мисли така, откако неговата влада гласаше да се откаже од проектот за модернизација на железничката линија Софија–Радомир–Перник за сметка на реализација на други железнички проекти“,пишува во објавата на бугарски „Медиапул“.

Освен овој, со одлуката на владата на Бугарија се суспендираат уште неколку железнички проекти, како и проектите за имплементација на Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај, а како причини се наведуваат задоцнетите подготовки на проектите. Средствата од откажаните проекти ќе се пренасочат за довршување на т.н. железничкиот автопат „Тракија“ од Софија до Бургас, како и за уште неколку железнички проекти.

Инаку, модернизацијата, односно реконструкцијата на дел од бугарската пруга во рамки на Коридорот 8 беше дел од разговорите на С Македонија и Бугарија со цел постигнување договор за интензивирање на работите за железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија. Ова во февруари годинава го изјави министерот за транспорт Александар Николоски, кој додаде дека покрај оваа точка, со бугарските колеги се разговарало и за изградба на заедничкиот тунел што треба да ги поврзе двете држави, како и за обврската што треба да ја преземе Софија за изградба на пругата од Ѓуешево до границата со земјава, чија должина би изнесувала околу четири километри.

Се водат интензивни разговори, но сѐ уште не е постигнат договор со Бугарија за заедничка изградба на тунелот на пругата од Коридорот 8

Во Меморандумот за разбирање меѓу С Македонија и Бугарија од 2017 година е преземена обврска за изградба на железничката линија Скопје–Софија до 2027 година

Back to top button
Close