Бугарија во челустите на сопствената политика (само за 18+)

Со оглед на последниот бараж од навреди што за викендов ни ги испорача Софија (Борисов, имено, во интервју за германски ФАЦ, тврди дека бугарските комунисти и сталинистичка Москва ги претворале овдешните Бугари во Македонци и сл.), се чини дека наскоро може да се очекува решавачки пробив по прашањето на започнувањето на македонските преговори со ЕУ во декември.

Така си оди тоа на Балканот: соседите до крај мораат да ве омаловажат, пред да ви ја отворат вратата на надежта. Оние што го познаваат Бојко ќе ви кажат дека човекот од историјата има познавања, а уште помалку интерес, ни колку за на бумбар да му врзеш ѕвонец на вратот, ама такви некои времиња се дојдени, Борисов очајнички се бори за својот политички опстанок во Бугарија, па единственото што му се чини математички „опционално“ е да му направи домашно-политички ќеиф на Каракачанов, што значи дека мора малку и тој да се вклучи во општото „вреѓање“ на Македонците, пред да даде „благослов“, како „утешна награда“, за наш почеток на преговорите.

Мизерен е тој пристап, но врз тоа ние малку можеме да влијаеме. Борисов, сепак, не е Ципрас. Багажот во прашање.

Со тоа ќе се заокружи и оваа мачна фаза на патот на македонската интеграција во ЕУ, во тунелот во кој на крајот се наѕира некакво светло. Какво е тоа светло уште точно не знаеме, но сигурно е дека „европскиот“ тунел што допрва треба да го изодиме е прилично долг.

Во таква наметната ситуација, нашата евро-атлантска интегративна стратегија би можела да се опише како избор помеѓу „змија да те апне или магаре да ти го бапне“. Таа стратегија – една од доминантните во историјата на политиката откога е светот и векот, а на Балканот и пред тоа – ја наметнува нуждата, а не правото на достоинствен избор. Сепак, во теоријата на игри, таа има свое оправдување.

Имено, шансите да преживеете ако „змија ве апне“ се 50-50: можеби ќе останете жив, а можеби и не. Од друга страна, „магаре ако ви го бапне“, шансите да останете жив се неспоредливо поголеми! Иако ќе ви треба подолго време да се справите со проблемот на исправено седење на рамни површини. Помагаат разни перничиња, гелови, масажи и тешења, за што во „колонијалниот“ резон на ЕУ има детални прирачници и штедри фондови.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close