„Булмак 2016“: Излеана е јамска подземна вода која не содржи никакви хемиски материи кои би можеле да влијаат врз еко-системот на Крива Река

Во врска со случувањето на ден 14.03.2025 година, кога заради дефект на водоводна цевка истече јамска (подземна) вода во Крива Река, благовремено и во детали преку соопштение ја известивме јавноста за ситуацијата, со потврда дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода. Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од Флотацијата на Рудник “Тораница“.

Во меѓувреме, согласно законските одредби, усогласена е Спогодба со Министерството за Животна Средина и Просторно Планирање, со која се уредени сите идни чекори во смисла на мерки кои произлегуваат од овој случај и според која секако, ќе очекуваме надлежното Министерство да се произнесе со финална потврда на утврдените параметри од Спогодбата.

Според протоколите за работа, ја следиме ситуацијата и ја изразуваме нашата подготвеност и отвореност за соработка со сите Надлежни Органи и Институции во насока на проценка и елиминирање на можните влијанија врз животната средина. Истовремено, повикуваме на одговорност и работа исклучиво согласно законските процедури и апелираме да не се шпекулира, односно да се почекаат официјалните наоди кои ќе ги изготват надлежните институции и органи.

“Во “Булмак 2016“ редовно и во континуитет, уште од самото преземање на работата на рудникот “Тораница“ во декември 2016 година, вршиме редовни технички прегледи и одржување на опремата, инсталациите и сите технолошки системи, вклучително и чистење на таложникот за отпадна јамска вода, за кои согласно А-интегрираната еколошка дозвола, соодветно го известуваме Државниот инспекторат за животна средина. Во оваа насока, преземени се сите превентивни мерки за одржување на системот во добра состојба. Дополнително, во рамки на рудниците со кои управува “Булмак 2016“ редовно вршиме мерења според кои, сите супстанци со кои што се оперира и се преработува рудата се во законските дозволени граници и норми. Одговорно тврдам дека во непредвидливата и ненадејна ситуација е излеана исклучиво јамска подземна вода која не содржи никакви хемиски материи кои би можеле да влијаат врз еко-системот на Крива Река.“, изјави Љупчо Георгиевски, Инженер за животна средина во “Булмак 2016“.

Уште еднаш повикуваме на одговорност и работа согласно законските норми и процедури на сите инволвирани, до овој момент. Апелираме да не се шпекулира и лицитира со неточни информации и инсинуации, со што ќе се спречи создавање на лажна слика поврзана со овој случај кај јавноста.

Дополнително, бараме сите надлежни органи и институции да постапат во правец на изнаоѓање на вистинските причинители на еколошка катастрофа, доколку се утврди дека таа навистина постои.

Back to top button
Close