Царинска управа: Уште шест кривични за девет лица до ЈО заради криминал со употребувани возила и глисери, утврдена штета од 635 илјади денари
Поднесени се уште шест кривични пријави за девет лица до Основното јавно обвинителство заради вршење криминални дела со употребувани возила, при што е нанесена директна штета врз Буџетот од 635.827 денари. Како што денеска соопштија од Царинската управа, во еден случај бил вмешан и царински службеник за кој е изготвено отказно решение.
Случаите се дел од предкривичните постапки на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за криминални дела со употребувани возила.
– Во предкривичните постапки инспекторите уште во еден случај утврдија најгрубо кршење на законските прописи при што возач, увозник и царински службеник се сомничат за внес на товарно моторно возило во државата при што за истото е избегнато плаќање увозни давачки со што е нанесена директна штета врз Буџетот од 256 илјади денари. Во овој случај возилото е одземено, а против сторителите е поднесена кривична пријава и тоа по два основи, кривично дело царинска измама и кривично дело фалсификување исправи. Против царинскиот службеник е изготвено отказно решение, се наведува во соопштението.
Кривична пријава заради царинска измама и фалсификување исправа е поднесена и до правно и одговорно лице на фирма за сторено кривично дело царинска измама и фалсификување исправа. Во овој случај станува збор за кривични дела заради плаќање пониски увозни давачки. Сторителите при увоз на товарно моторно возило при царинење на возилото поднеле фалсификувана исправа за преференцијално потекло на стоката со цел истата да биде ослободена од плаќање царина. Ова е утврдено, се додава во соопштението, по извршена верификација на приложениот доказ за потекло на стоката со царински орган на земја членка на ЕУ, по што изготвено е решение со кое увозникот се задолжува да плати износ од 236.241 денар.
Во останатите четири случаи Секторот за контрола и истраги поднел кривични пријави за четири лица заради основано сомнение фалсификување исправи со цел плаќање помали увозни давачки при увоз на глисери и возило со што е нанесена директна штета врз Буџетот во висина од 143.453 денари.