Чернева за односите Софија-Скопје: Да не се довикуваме преку ограда, туку да ја тргнеме и да соработуваме

Влада составена со мандат на Продолжуваме со промените (на Кирил Петков) и Демократска Бугарија (на Христо Иванов) со сигурност на дневниот ред ќе го има подобрувањето на односите со сите соседи, вклучително и со Северна Македонија – вели Весела Чернева, потпретседателка на Европскиот совет за надворешни работи и советничка за надворешна политика на Кирил Петков во периодот кога тој беше бугарски премиер.

„Таа агенда е позната уште од времето на претходната влада на Петков, но, според мене, во овој момент, уверена сум дека сите проевропски сили во бугарскиот парламент гледаат колку е важно Бугарија да има добри односи со своите соседи, особено ако се има предвид војната во Украина. Во исто време од бугарската дипломатија се очекува да вложи поголеми напори за да има повеќе дијалог и подобри резултати во билатералните односи. Конечно, единствениот начин за односите да бидат подобри не е тие да се развиваат само на највисокото ниво, меѓу владите, туку тие треба да бидат поконцентрирани. Значи, треба да има културна размена, научна размена, трговска размена, која гледаме дека расте, што е многу добра новина“,вели Чернева.

По последните парламентарни избори во Бугарија, претседателот Румен Радев ѝ го даде мандатот за формирање влада на кандидатката за премиерка предложена од ГЕРБ-СДС, Марија Габриел. Ако нејзиниот обид не успее, Радев треба да му го додели мандатот за влада на кандидат од второпласираната групација на изборите – Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија.

Пораките од Чернева доаѓаат во период на нова серија изјави од двете страни во кои прво бугарската потпретседателка Илијана Јотова од Јеркјавик обвини за „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“, на што македонскиот премиер Димитар Ковачевски врати со изјава: „Дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.

Back to top button
Close