Чешка: Илјадници луѓе во Прага протестираа против владата, ЕУ и НАТО!
Илјадници Чеси денеска дојдоа на Вацлавскиот плоштад во Прага на покана на вонпарламентарната партија Право, Почит, Струка за да протестираат против коалициската влада на десниот центар на премиерот Петар Фиала и против САД, ЕУ, НАТО и Украина.
„Не ја сакаме владата на ЕУ, не ја сакаме американската влада или украинската влада, ја сакаме владата на Чешката Република, на чешките граѓани. Социјалниот и здравствениот систем се заканува да пукне под бранот економски мигранти од Украина. Да инвестираме во здравството, во нашиот народ и да не купуваме оружје“, рече на почетокот на демонстрациите лидерот на партијата, адвокатот Јиндрих Рајхл.
Според проценките на полицијата и медиумите, околу 10.000 луѓе се собраа на протестот под слоганот Чешка против владата, една третина помалку отколку на претходните протести организирани од Рајхл, кој себеси се нарекува чешкиот Доналд Трамп.
Рајхл ја обвини владата на премиерот Фиала дека ги натера Чесите скапо да платат струја, гас и нафта, дека Чешка е единствената земја што не се вратила на нивото пред пандемијата „Ковид-19“, има недостиг на лекови.
Тој го обвинува министерот за внатрешни работи Вито Ракушан дека бара од Чешка да ја ратификува Истанбулската конвенција.
За разлика од претходните демонстрации, по апелот на организаторот, во толпата повеќе нема руски знамиња, се веат чешки триколори, а демонстрантите носат транспаренти против власта, но и против НАТО, со кои по говорот маршираа низ центарот на Прага до другиот брег на Влтава и до Министерството за внатрешни работи.