Честитка од СПМ по повод празникот Св. Климент Охридски

 

 

Во свое и во име на Социјалистичката партија на Македонија со особено внимание до сите македонци, православни христијани, членовите на Светиот Архиерејски Синод и свештенството на Македонската Православна Црква–Охридска Архиепископија упатувам најискрени честитки по повод големиот христијански празник – Свети Климент Охридски.

Со посебна гордост и духовна исполнетост го празнуваме споменот на својот патрон Свети Климент Охридски-Чудотворец, нашиот прв Епископ Словенски и заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Свети Климент Охридски, првиот Архиепископ и творец на единствената Охридска книжевна школа, најзначајниот средновековен писател и педагог кој со својата активност и со своето црковно, просветно и книжевно дело стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет.

Неговото дело е вистинскиот пример како се чува и негува македонската нација, македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Повеќе од единаесет века Светиклиментовото слово зрачи и чудотвори, описменува и облагородува. Од силата и моќта на неговите поучни слова денес духовно се храниме сите ние и многу народи ширум светот. Неговото слово е нашето битие, наш сопатник и пријател, врата низ која се поминува до писменоста. Неговото слово е нашиот лек, утеха и живо питие … запишано е „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, никогаш нема да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече животот вечен”. И токму овде во Македонија, на овие простори и на овој народ му беше откриен овој извор.

Денес, сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, потребно е да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако, во сè што правиме се престигнуваме во добрината.

Во овие празнични мигови да ја упатиме големата македонска мисија кон доброто за сите народи, зацврстувањето на вербата со големата потврда дека Македонија

е и продолжува да биде голем светилник на големото семејство со неизмерна сила и моќ што ни ја дарува овој голем Светец.

Нека е честит и за многу години празникот!

Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичка партија на Македонија

Социјалистичка партија на Македонија

Back to top button
Close