Четири медали, од кои една златна, за македонските таеквондисти во Чешка
Македонската традиционална Таеквон-до репрезнетација освои четири медали на престижниот турнир „Моравиа Опен 2023“ што викедов се одржа во чешкиот град Острава.
Во конкуренција од над 500 натпреварувачи од 13 европски земји се освоени еден златен, еден сребрен и два бронзени медали, и тоа во дисциплините спаринг (борби) и форми (борба со замислен противник).
Најголемиот успех го постигна репрезентативката Елена Јанеска, која го освои тронот во категоријата спаринг (борби) за јуниорки над 64 килограми, совладувајќи ги противничките од Холандија, Чешка, Естонија, Чешка. Таа се закити и со сребрен медал во категоријата борби со замислен противник.
Јанеска само пред една седмица го постигна истиот успех на Меѓународниот Таеквон-до ИТФ А класа натпревар „Србија Опен 2023“ во Нови Сад, Србија, освојувајќи златен медал во спаринг (борби) + 64 кг за јуниорки 16-17 години и сребрен медал во форми (борба со замислен противник) за црн појас први дан јуниорки 16-17 години.
Марио Крстески го освои бронзениот медал во форми (борба со замислен противник) за црвен појас јуниори 16-17 години, додека Михаил Јоноски освои бронзен медалво форми (борба со замислен противник) за црвен појас јуниори 16-17 години.
Поради повредата од Светското првенство од која се уште се опоравува, Христијана Парулеска на натпреварите во Чешка учествуваше во улога на тренер.