Четворица македонски државјани евакуирани од Судан
Во текот на вчерашниот ден од Судан, кој е зафатен со воени судири, беа евакуирани четворица државјани на Република Северна Македонија, информира денеска Министерството за надворешни работи.
Во соопштението се посочува дека евакуацијата е реализирана со асистенција на Саудиска Арабија, за што МНР и упатува искрена благодарност.
Евакуираните македонски граѓани во моментот се наоѓаат во градот Џеда во Саудиска Арабија, а нашата амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со саудиските власти во насока за нивно враќање во земјава.
Од МНР наведуваат дека до сега од Судан се евакуирани вкупно 4879 лица, од кои 139 се Саудијци, а останатите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД. Од нашиот регион освен од земјава, евакуирани се и државјани на Грција и БиХ.
– Министерството за надворешни работи со внимание го следи развојот на состојбите во Судан и е во комуникација со држави кои имаат свои дипломатски конзуларни претставништва во земјата. Во оваа прилика апелираме доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса [email protected], Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и е-мејл адреса [email protected], како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и следната е-мејл адреса [email protected], се додава во соопштението на МНР.