Членување во партија не носи имунитет – Еролд Муслиу за руско(то) влијание во македонската политика

Контактите со странски разнузнавачки служби, работењето во интерес на странски хибридни стратегии, контакти со терористички организации, со наркокарели, никого не прават недопирлив, ниту за законот ниту пак како таргет на Агенцијата за разузнавање (АР), рече директорот на АР во гостувањето во „360 степени“

Дел од хибридното делување е остварувањето на политичко влијание во одредена зона, а не е тајна дека голем дел од македонски експоненти во изминатиот период и не криеја дека имаат контакти директни со Москва, изјави директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат прашан дали во земјава навистина постојат политички партии кои се под директно руско влијание. Муслиу вели дека македонската јавност била сведок на патувања на членови на политички партии и пратеници на средби во Москва.

Прашањето до Муслиу беше поставено во контекст на неодамнешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека дел од опозицијата „по цел ден е на телефон со Русија“.

„Дел од хибридното делување е да се остварува и политичко влијание во одредена зона. Значи, да се влијае во политички партии, дали во креирањето на мислењето на граѓаните – тоа е еден дел од алатката. Меѓутоа, сепак, политичкото организирање во нашата држава е уставно право на секого, но од позиција на директор на Агенција за разузнавање треба да потенцирам дека членството во политичка партија никому не му овозможува чадор за имунитет. Контактите со странски разнузнавачки служби, работењето во интерес на странски хибридни стратегии, контакти со терористички организации, со наркокарели, никого не прават недопирлив, ниту за законот ниту пак како таргет на Агенцијата за разузнавање“, кажа Муслиу.

Back to top button
Close