„Цикнопемпти“ – денот на скарата во Грција

Секоја година, претпоследниот четврток пред почетокот на Велигденскиот пост, Грција буквално мириса на скара и печено месо, денот кога се одбележува Цикнопемпти, традиционален грчки празник, што е автентичен и веројатно единствен кога еден обичен четврток се претвора во масовно печење и консумирање секаков вид месо на скара.

Името Цикнопемпти потекнува од зборот „цикна“, што значи мирис од печено месо и зборот „пемпти“ во превод четврток (денот кога се одржува), а самото име дава точен опис на атмосферата што се очекува низ целата земја во текот на денешниот ден.

Цикнопемпти е дел од пошироката карневалска традиција позната како „Апокриес“, период исполнет со веселби, маскенбали и јавни прослави, а иако нема религиозен карактер, сепак е нераскинлив дел од грчката традиција, со симболично значење.

Не постои фиксен датум и секоја година е во втората недела од Триодот (црковниот период што му претходи на Великиот пост со период на подготовка) и се паѓа 11 дена пред Чист понеделник и почетокот на Велигденскиот пост, додека изборот на денот за прославата не е случаен, поради постот во среда и петок, па затоа за денот кога се јаде месо е одбран четврток.

Традицијата налага семејствата и пријателите да се собираат околу заедничка трпеза, најчесто на отворено, каде што се подготвуваат различни видови месо на скара.

Кулминацијата, секако е во вечерните часови, но сè почесто скарата се пали многу порано, па таверни и ресторани, дури и кафулиња, организираат настани во текот на целиот ден.

Во рестораните и таверните речиси е невозможно да се најде маса без претходна резервација, нешто што многу добро го знаат Грците и поради тоа однапред имаат испланирано каде ќе ја поминат вечерта на „Цикнопемпти“.

– Оваа година, решивме да се собереме поголемо друштво и затоа уште од минатата седмица, заедно со пријателите резервиравме во една маалска таверна. Обично традиционално сме дома со скара, меѓутоа сега, метеоролозите најавуваа дожд и не сакавме да ризикуваме на отворено, велат млади Грци.

За оние пак кои сепак Цикнопемпти ќе го поминат дома, во изминатите денови сите патишта водеа до месарниците, маркетите, но и пазарот Варвакиос во центарот на Атина, што со децении се смета за традиционално место за набавка на свежо месо за сите празници, без разлика дали е Божиќ, Велигден или Цикнопемпти.

Дописничката на МИА од Атина го посети пазарот, каде што граѓаните купуваат свинско, јагнешко и пилешко месо, колбаси и популарните грчки сувлаки, а сопствениците и продавачите велат дека цените се исти како и лани, потрошувачите пак коментираат дека и во супермаркетите веќе постојат понуди и попусти.

– Дојдов да разгледам, да ги видам цените, па дополнително ќе решам дали ќе купам месо од тука или од супермаркетот што ми е во близина, вели повозрасна Гркинка..

Цените за јагнешкото и јарешкото месо, започнуваат од осум евра за килограм, во зависност од квалитетот и парчето, телешкото месо се движи од 10 до 13 евра за килограм со коска, додека без коска се искачува на 12 до 14 евра, котлетите се движат од 12 до 16 евра за килограм.

Претседателот на пазарот Варвакиос Андреас Ниотис за МИА посочи дека цените остануваат стабилни и приспособени за сите џебови, но и дека со фактот што Цикнопемпти не се поврзува со одреден вид месо, постојат опции за сите.

– Цените, би рекол дека се доста ниски. Свинското, што е од четири до шест евра за килограм, останува речиси на исто ниво како и лани, а можеби е и поевтино. Кај телешкото имаме зголемување, но сепак е месо за кое не би рекол дека има голема побарувачка и консумација за Цикнопемпти. Јагнешкото и јарешкото се од осум до 10.90 евра за килограм, што се многу добри цени и се пониски во споредба со цените за Божиќ и Нова година и затоа луѓето купуваат и јагнешко и јарешко месо. Цикнопемпти е ден кога на трпезата има различни видови месо, мешана скара. Не е поврзан со еден вид месо, како што е на пример Велигден со јагнешкото, па така потрошувачот има голем избор, но и евтини опции. Пилешкото на пример е од три до три и пол евра. Многу потрошувачи купуваат и пилешко, свинско, колбаси кои се од пет до седум евра, објасни Ниотис.

Во однос на тоа дали има потрошувачка на пазарот за месо, претседателот посочува дека очекувањата се кулминацијата да биде во текот на денешниот ден, но и истакна дека во саботата имале многу голема посетеност со оглед на тоа што е ден кога голем број граѓани не се на работа и беше добра можност за да дојдат на пазарот.

Обичаи за Цикнопемпти низ цела Грција

Иако главниот карневал следува денови подоцна, сепак со оглед на тоа што Цикнопемпти е дел од пошироките карневалски случувања, од денеска веќе започнуваат маскенбали, поворки и настапи на фолклорни групи, па така во многу делови на Грција обичаите за денешниот ден се поврзуваат не само со традиционалното печење месо, туку и со карневалот.

Во градот Патра, познат по најголемиот карневал во Грција (Патрински карневал) на Цикнопемпти жителите уште од пладне поставуваат скари на секој агол од градот, дури и пред своите дуќани, додека пак прославата е проследена со народни и карневалски изведби, музички групи и локални обичаи.

Еден од најпознатите е „Свадбата на Јанула“, што според медиумите во Грција се темели на вистинска личност.

Јанула била сиромашна жена, која живеела во периодот пред Втората светска војна и се издржувала продавајќи ѓевреци, а некои од жителите на Патра, искористувајќи ја нејзината наивност ѝ ветувале дека ќе ја омажат за американскиот претседател Томас Вудро Вилсон.

Шегата вклучувала инсценирање на доаѓањето на Вилсон со брод на пристаништето и негово искачување во горниот дел од градот, каде наводно требало да се одржи свадбата. Лажниот Вилсон бил облечен во фрак и цилиндрична капа, а додека Јанула да ја сфати иронијата, насобраната толпа веќе уживала во глетката и смеата.

Ова се повторувало повеќе години, Јанула никогаш не се омажила, но (невкусната) шега станала дел од карневалската традиција на градот.

И во градот Тива обичајот е поврзан со свадба, но таму е „Влашка свадба“ што почнува на Цикнопемпти и трае до Чист понеделник.

Според народната традиција, обичајот започнува со свршувачка меѓу двајца млади, продолжува со симболична свадбена церемонија, а завршува на Чист понеделник со поворка на невестинскиот мираз и веселба на семејствата и сите овие фази се исполнети со сатиричен хумор, забава, музика, танц и карневалска атмосфера.

На островот Крф е еден од највпечатливите локални обичаи што се нарекува „озборување“ -традиционална театарска форма, што наликува на италијанската „комедија дел арте“ и е дел од карневалот на островот.

Се изведува вечерта на Цикнопемпти, на централните плоштади или низ тесните улички на селата на островот, а кулминацијата е во населбата Пинија во срцето на стариот град.

Учествуваат и домаќинки од околните куќи, кои од прозорците приредуваат вистинско озборување, преку духовити и разиграни приказни, на виделина ги изнесуваат сите „валкани тајни“ на наводните престапници што западнале во разни недолични ситуации, сатирично критикувајќи типови на луѓе и општествени појави.

Во северна Грција Цикнопемпти се одбележува со маскенбали, палење огнови и традиционална музика, а исто како и во други делови на земјата, се означува почетокот на карневалскиот период.

Општина Атина организира традиционална скара со забава и музика

Како и секоја година, така и денеска, општина Атина организира низа настани, од плоштадот Синтагма, преку општинскиот плоштад Коѕија, па сè до пазарот Варвакиос, со што центарот на градот ќе се претвори во голема отворена прослава, нудејќи автентично карневалско доживување исполнето со звуци, бои и традиционални обичаи.

На пазарот Варвакиос пазарот, ќе бидат поставени скари каде што ќе бидат поделени 800 килограми месо, бесплатно за сите посетители, а традиционалното печење ќе биде проследено со музика и танц.

Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, изјави дека Цикнопемпти е претставува голем празник на радоста и ги повика граѓаните да прошетаат низ градот „водени од обичаите, музиката и веселата атмосфера на карневалот“.

Со Цикнопенти започнуваат карневалските настани

На прашањето од кога потекнува обичајот за Цикнопемпти и како настанал, конкретен одговор не постои, иако се претпоставува дека потекнува од празниците на античките Грци и нивните прослави кога гозбите и изобилието имале ритуален карактер и се верувало дека преку јадењето, пиењето и веселбите се поттикнува плодноста на земјата и се најавува доаѓањето на пролетта.

Цикнопемпти паралелно го означува го почетокот на карневалските настани, односно Апокриес што кулминираат следниот викенд, по што следи и Чист понеделник.

Иако слични карневалски обичаи постојат и во други европски земји, Цикнопемпти веројатно е автентичен грчки празник, единствен по масовното одбележување преку печење месо на скара.

Back to top button
Close