Црното ќе го правиме бело, само да биде по наше.
Со што ли го задолжил новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски премиерот Христијан Мицкоски, па тој толку го брани? Толку ли немаат во ВМРО-ДПМНЕ некој друг кадар за шеф на тајната служба, кому не може да му се оспорат ни работното искуство, ни дипломата, ни сертификатот за англиски јазик? Зошто Мицкоски застанува во одбрана на човек што има ТОЕФЛ сертификат од јазично студио во Бугарија што издава фалсификувани дипломи? Веќе во земјава има неколку судски пресуди за измама со сертификатите од истото студио. Зарем Христовски тоа не му го кажал, па сега премиерот чека Антикорупциската комисија да му го провери сертификатот? А сега ќе чека и извештај од Државен просветен инспекторат да му ја провери и факултетската диплома.
Добога, функцијата директор на АНБ е толку сензитивна што не би требало да има ни тронка сомнеж за кадарот што е на тоа место. Наједноставо би било кога Мицкоски би рекол дека Христовски не му бил баш најсреќен избор, да најде друг човек и – да заборавиме. Ем ќе му го спаси угледот на Христовски оти ќе престане да му се чепка по професионалната биографија, ем нема да го доведува во прашање и кредибилитетот на АНБ, на МВР, на Антикорупциската комисија, па и на Просветниот инспекторат. Сите државни институции се впрегнати да го бранат кадровскиот избор на премиерот. На крајот на краиштата, Мицкоски е универзитетски професор. Ако ништо друго, барем нему лично би требало да му е важно што значи стручност, што значи испит, што значи знаење.
Ама, не. Инаетот е најсилен аргумент. Тоа е типично однесување од она ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017. Мора да се покаже сила. Да се оди на ѓон. Црното ќе го правиме бело, само да биде по наше.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК