Да реферирате на владата за конкурсот,побарал премиерот од директорите на М-НАВ

Управниот одбор (УО) на М-НАВ постапи добро со тоа што го заврши конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат и како што бил евалуиран од страна на данските консултанти, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Уште во текот на минатата недела ги повикав тројцата директори од М-НАВ да дојдат и  да реферираат на седница на Влада – рече Ковачевски одговарајќи на прашањето што ќе преземе Владата по последните случувања со конкурсот на контролори на летање во МНАВ, на отворањето на Првиот национален саем за храна и пијалаци во Градскиот парк во Скопје.

Тој рече дека  од тоа што директорите ќе го кажат на Влада ќе зависат следните чекори што ќе се преземат.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска оцени дека прашањето за вработување контролори на летање е затворено согласно со домашните процедури и законите и меѓународните правила и оти во Македонска навигација М-НАВ не смее да има никакви манипулации во која било постапка.

-Таму не смее да има никакви манипулации во која било постапка и да се води во однос на оваа компанија. И токму поради тоа, вчера Владата информираше, но и компанијата информирала дека веќе е завршена постапката за вработување, согласно процедурите коишто ги имаат.  Поради тоа сметаме дека тоа прашање е затворено на начин на коешто треба да биде затворено согласно процедурите и законите во државата и меѓународните правила – рече Бочварски.

По реакциите на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) од каде изразија сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, раководството на М-НАВ АД Скопје вчера го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.

Од УО на М-НАВ  наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти”

 

Back to top button
Close