Дали руското Министерство за финансии случајно го откри точниот број на загинати руски војници во Украина?

Ако треба да им веруваме на информациите објавени на Твитер од Михаил Ходорковски, противник на Путин и поранешен руски олигарх во егзил, во руската агресија против Украина досега загинале 48 759 руски војници, што треба да биде прва прецизна бројка на руски жртви, објавува Јутарњи лист.

Ходорковски на Твитер објави копија од документ на руското Министерство за финансии, од кој произлегува дека од 28 август Русија на семејствата на загинатите војници им исплатила вкупно 361,4 милијарди рубљи или по 7,4 милиони за секој паднат војник, што во крајна линија значи дека досега загинале 48 759.

Ходорковски понатаму наведува дека во бројката не се вклучени исчезнатите војници, како и оние што се борат под знамињата на сепаратистите од Доњецк и Луганск.

 

Тој број е нешто поголем од проценките на западните разузнавачки служби и нешто помал отколку што тврдат Украинците.

Во војната, Украина се повеќе зема замав над руските сили.

Повеќе западни, украински и руски извори ја опишуваат украинската контраофанзива на североистокот како серија на упади на мали, брзи диверзантски групи длабоко во територијата под контрола на непријателот. Таму со прецизни удари создаваат паника и хаос во руските редови. Се чека официјална потврда дека на исток, во близина на границата со Русија, ги освоиле железничката клучка Купјанск и градот Изум, од каде наводно руската армија се повлекла на растојание од десетина километри.

Денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека украинската армија ослободила повеќе од 2 000 квадратни километри окупирана територија од почетокот на контранападот овој месец.

Тој посебно им се заблагодари на единиците на украинската армија кои, како што рече, „се истакнале во регионот Харков“ и на оние кои „ја вратиле целосната контрола над градот Балаклија“.

Вчера руското Министерство за одбрана соопшти дека ги повлекува силите од две области во Харков, каде што украинската контраофанзива постигна значителен напредок во текот на изминатата недела.

Зеленски го нарече бегството на руската армија добра одлука.

„За окупаторите нема и нема да има место во Украина“ рече тој.

Успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека земјата може да ги победи, но на Киев му треба повеќе оружје од своите партнери, изјави синоќа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

 

 

Back to top button
Close