Дебар за првпат го одблежа 23 септември како ден на општината

– Со свечена академија и откривање на бисти на Сефедин Пустина и на Аќиф Леши, во дворот на општинската зграда денеска за првпат одбележан е 23 септември како ден на општина Дебар.

На свеченоста присуствуваа претставници на советите на повеќе општини од западниот дел на државава, како и од соседната албанска општина Пешкопеја, членови на советот на општина Дебар, граѓани и роднини на Пустина и Леши.

Прв пред присутните се обрати претседателот на Советот на општина Дебар, Башким Машкули, кој, во својство на прв човек на дебарското здружението на политичките затвореници и прогонувани лица е и иницијатор за одбележување на 23 септември,како ден на општината и поставувањето на бистите.

-Го поздравувам Советот на општината за подршката на иницијативата 23 септември да го одбележуваме како ден на општината, како и иницијативата за поставување на бистите на овие две историски личности. Посебна благодарност упатувам до градоначалникот кој и финансиски целосно ја подржа реализацијата на овие иницијативи, како и на склупторот Фитим Сула, кој е автор и на други бисти кои до сега сме ги поставиле, рече во  обраќањето Машкули.

Градоначалникот Хекуран Дука, им посака добредојде на гостите и се заблагодари на своите сограѓани за присуството на овој „значаен историски ден“.

-Добре дојдовде на ова прво одбележување на 23 септември,кој е многу значаен историски датум за дебрани и за Дебар, кога во 1913 година е ослободен од српско-црногорскиот окупатор. Посакувам долго да го славиме овој ден, рече меѓу другото Дука.

За животот и делото на Пустина и Леши зборуваше и Неби Дервиши, историчар и професор на Државниот тетовски универзитет.

Советот на општина Дебар на седницата на 27 септември минатата година со мнозинство гласови донесе одлука 23 септември да се одбележува како ден на општината. За одлуката гласаа советниците на ДУИ, Алтернатива и Алијансата за Албанците, додека воздржани беа советниците на СДСМ, ПЕИ и ВМРО – ДПМНЕ.

На истата седница исто така со мнозинство гласови беше донесена и одлуката за поставување споменик на Сефедин Пустина, претседател на првата привремена влада на Дебар избрана на 23 септември 1913 година и на Аќиф Леши, првиот претседател на регионот Дебар.

Претходно како ден на општината се одбележуваше 8 септември, денот кога во 1943 година Дебар бил првоослободен град во државава во Народно ослободителната борба.

Back to top button
Close