Дебата: Процесот на проширување мора да остане жив, ЕУ треба да демонстрира волја и посветеност кон Северна Македонија и регионот
Процесот на проширување мора да остане жив, во спротивност европската пасивност може да доведе до делување на туѓи геосратешки интереси. Европската Унија треба да демонстрира дека има волја и посветеност кон Северна Македонија, така и кон целиот регион, за да даде јасна перспектива за интегративниот процес на земјите од овој регион. Процесот на проширување не треба и не смее да биде оптоварен со билатерални спорови вкоренети во минатото. ЕУ треба да демонстрира дека има волја и посветеност кон Северна Македонија, така и кон целиот регион, за да даде јасна перспектива за интегративниот процес на земјите од овој регион.
Ова беа главните пораки на дебата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, организиран по повод одбележувањето на Денот на Европа, од страна на Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Северна Македонија, Делегацијата на Европската унија и Европската куќа.
Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење на РСМ, рече дека Европското движење има став дека членството во ЕУ на нашата земја, но и на сите други држави во регионот има стратешко значчење за нив и за стабилноста на Балканот.
-Ако не се дејствува веднаш, европската пасивност може да води кон засилено делување на туѓи геостратешки интереси. Процесот на проширување не треба и не смее да биде контаминиран со билатералните спорови вкоренети во минатото. ЕУ со самото формирање е и ќе биде, и ние веруваме дека е така, дека е проект на заедничката иднина на сите држави во рамки на овој континент. Врз таа основа треба да се бара клучот за отворање на затворениот процес на проширување кон Западен Балкан, рече Ѓуровска.
Таа додаде дека регионот, а со тоа и Северна Македонија, не е периферија на Европа, туку е дел од европскиот простор опкружен со држави-членки на ЕУ.
Даниел Браун, претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, истакна дека Фондацијата секогаш давала поддршка дека С Македонија треба да биде дел од ЕУ.
-Во овој момент нема да нагласувам кои се причините зошто не се започнати се уште преговорите, но ова е неуспех поради што С Македонија се уште е во чекалната. Сега во Западен Балкан гледаме зголемена активност на други надворешни актери кои имаат различни вредности кои не се базирани на демократијата и личните слободи. Ова поради пандемијата стана уште повеќе видливо, рече Браун.
Тој го спомена билатералниот проблем на Северна Македонија, кој во моментов е пречка за почеток на преговори, и апелираше до сите земји членки да имаат предвид дека обединета Европа дава можност за поголем просперитет, безбедност и слобода заснована на заеднички вредности на која било земја, за разлика од каков било билатерален проблем.
-ЕУ треба да демонстрира дека има волја и посветеност кон Северна Македонија, така и кон целиот регион, за да даде јасна перспектива за интегративниот процес на земјите од овој регион, рече Браун.
Калинка Габер, државен секретар при Секретаријатот за европски прашања, истакна дека поради сегашните оклоности, дебатата за проширување мора да се одржува жива. -Процесот на пристапување, преговори, не е прашање само на една Влада, само на една политичка гарнитура, туку треба да го обедини целото општество и сите расположливи капацитети да ги мобилизира во таа наска и во насока на остварување на стратешката цел, рече Габер.
Истакна дека иднината на Европа е нераскинлво поврзана со иднината на проширувањето и со иднината на Западен Балкан и на Северна Македонија во тој контекст.
-Ова е регион опкружен со земји-членки на ЕУ и не може и не смее да се изостави од европското семејство каде што и вредносно припаѓаме. Единствената одржлива иднина за мојата земја, за регионот е европската – онаа каде границите не се важни, каде различностите се богатство, а не причина за поделби. Картата на Европа нè обврзува да работиме заедно на одржување на мирот, единството, стабилноста и просперитетот на нашиот континент и тоа е нашето наследство за следните генерации. Треба да се вратиме на основите врз кои сакаме да ја градиме нашата заедничка иднина и интеграцијата на Западниот Балкан има клучна улога во таа смисла поради што овие земји и нашите граѓани треба да бидат вклучени во Конференцијата за иднината на Европа, истакна Габер.
Таа се осврна на конкретните достигнувања во реформскиот процес, но укажа дека за одржување на транформативната моќ и влијанието на Унијата, неопходно е спроведување на одлуката за почеток на преговори.
-Пораката што ЕУ ќе ја испрати до Северна Македонија во однос на официјалното отпочнување на пристапните преговори ќе има големо влијание врз целиот регион и европската иднина на земјите од Западен Балкан, бидејќи е тест за сериозноста, предвидливоста и доследноста на ЕУ во носењето и спроведувањето на своите одлуки, заклучи Габер.
Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, рече дека е неспорно дека земјава има европска иднина и главните четири сили во Собранието немаат разлика во евроатланската перспектива на Македонија и тоа покажува, според него, големо единство во општеството.
-Овој пат на Македонија не и е ниту малку лесен, со сите овие пречки кои ги имаме од 2000 година наваму, и тие пречки во себе содржат малку подлабока причина, а тоа е дека оспорувањето на Македонија од страна на соседите е практично оспорување на егзистенцијата на Македонија ваква каква што ја познаваме, и создадена на начин на кој е создадена по Втората светска војна, натаму по референдумот за независност во 1991 година, и пречките се поврзани со суштината на нејзиното постоење, вели Николоски.
Николоски не е оптимист дека во овој месец и половина, до крајот на португалското претседателство со ЕУ, ќе се донесе одлука за почеток на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Соговорниците се согласија дека Северна Македонија ги исполни условите за почеток на пристапните преговори и дека е потребен официјален старт преку усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција, прашање кое е од големо значење и за европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан.