Дефиле во Битола – лицата со телесен инвалидитет бараат подобра пристапност до институциите
Членови на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Битола, Демир Хисар и Ресен бараат подобра пристапност до институциите и практична наместо декларативна поддршка за нивните барања.
На денешното дефиле по Широк сокак кое се одржа под мотото „Се движам, значи постојам“, лицата со телесен инвалидите посочија дека се подготвени да придонесуваат за заедницата доколку таа им возврати.
-Манифестацијата ја организираме со цел да ја мотивираме заедницата, локалната и централната власт, за да се сетат на нашите проблеми и потреби на лицата со телесен инвалидитет. За нас единствена и најголема пречка претставува непристапноста до јавните објекти. Нема мобилност, нема движење без пристапност. За жал на сите наши апели институциите одговараат декларативно, односно не ги одбиваат нашите барања и се за, но потоа ништо не реализираат. Годинешното мото на манифестацијата е „Се движам, значи постојам“ затоа што ако лице со телесен инвалидитет не се движи, тоа значи и дека не постои. Лицата со инвалидитет имаат голем интелект, слобода во умот, можат да творат и придонесуваат и затоа заедницата треба да ни излезе во пресрет, истакна примариус д-р Нико Јанков, претседател на здружението „Мобилност“.
Според Билјана Тодоровска, членка на здружението „Мобилност“, најголема пречка за лицата со телесен инвалидитет е непристапноста на улиците во Битола.
-Во 21.век, во оваа 2024 година, нема пристап до улиците во градот. Единствен пристап имаме само на Широк сокак, а на друго место не, затоа што има високи тротоари и високи барикади. Пристапот до институициите и посебно до културните институции е невозможен. Низ градот, до маркети, користам превоз електричен скутер и тоа ми помага, но не е доволно затоа што бариерите се многу големи, посочи Тодоровска, учесничка на дефилето.
За учесниците на дефилето, членови на литературниот клуб „Изгрев“ од Демир Хисар приредија поетско читање со избрани творби пишувани на тема „Чекориме во ритамот на пишаниот збор“.