Дел од партиите се произнесоа за повикот на Филипче за одржување лидерска средба
На повикот на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, за одржување средба на лидерите на најголемите партии во Собранието, денеска се произнесоа владејачката коалиција „Вреди“, Движењето ЗНАМ, кое исто така е дел од владината коалиција, опозициската Левица, а реакција во врска со повикот имаше и ДУИ.

Според „Вреди“, лидерот на СДСМ нема кредибилитет да повикува на лидерска средба бидејќи, како што велат оттаму, потврдил дека има намера да ја политизира колективната трагедија.
„После најавите од СДСМ дека ќе бараат анкетна комисија за Кочани, што очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ“,
велат од коалицијата „Вреди“ во соопштение испратено до медиумите.
Од движењето За наша Македонија (ЗНАМ), кое исто така е дел од владината коалиција, велат дека ќе се изјаснат дали ќе учествуваат на лидерската средба откако ќе ја добијат иницијативата што вчера ја најави Филипче
„Да ја добиеме иницијативата и да ја видиме, па ќе се изјасниме“,велат од Движењето ЗНАМ во изјава за МИА.
На сличен став е и опозициската Левица. Оттаму велат дека ќе се произнесат за потенцијалното учество на лидерската средба откако ќе го дознаат нејзиниот формат и план.
„Но, наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно – за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност како модуларната во Тетово, ‘Дурмо турс’ итн. Ова не е време за калкулации, за политички маневри и договори, туку за дејствија на сите нивоа на власта“,велат од Левица.
Во врска со иницијативата на Филипче за одржување на лидерска средба денеска се произнесоа и од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ). Оттаму го приоритизираат формирањето на парламентарната комисија за трагедијата во Кочани, а дури потоа, како што велат, може да се размислува за други чекори.
„Затоа, ги повикуваме сите пратеници кои не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши со најголемата правна фарса на селективна правда и заробување на државата, денеска да ја потпишат иницијативата на ‘Европскиот фронт’ за формирање на оваа комисија“,посочуваат од ДУИ.