Делегација на ЕУ: Употребата на европското знаменце на законите за коридорите 8 и 10-д не е во согласност со стандардите на Унијата

Употребата или означувањето на законите со европско знаменце, велат од Делегацијата на ЕУ за „360 степени“, навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на С Македонија во ЕУ, но во конкретниот случај нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со стандардите на ЕУ
Оттаму велат дека ја изразиле својата загриженост по ова прашање и побарале објаснување од македонските власти. Европското знаменце, како што наведуваат во својот став, не треба да се користи за заобиколување на на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Собранието
Откако првиот вицепремиер и координатор на проектот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, Артан Груби, денеска на прес-конференција соопшти дека Владата усвоила пет предлог-закони кои ќе бидат доставени во Собранието со европско знаменце, со образложение да се забрза изградбата на коридорите, „360 степени“ побара став од Делегацијата на Европската Унија токму во врска со најавата дека европското знаменце ќе се најде на овие документи.
„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување на (македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда кон ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Законодавниот дом“пишува во одговорот на Делегацијата на ЕУ
Инаку, одлуката петте предлог-измени на закони да одат во Собранието со европско знаменце, првиот вицепремиер го оправда со тоа што Европската Унија го додала Коридорот 8 на мапата на европските коридори, како и неговото стратегиско значење.
Станува збор за предлог-измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, за експропријација, Законот за прогласување јавен интерес за изградбата на коридорите 8 и 10-д и на Законот за работни односи.
Со владините предлог-измени треба да се надмине блокадата на предлог-решенијата на осум закони кои беа предложени од пратеници на владејачкото мнозинство, кои беа поднесени по скратена постапка, но заглавија во собраниска процедура поради големиот број амандмани во текот на комисиските расправи по нив.






