Демократска Бугарија и БСП се спротивставија на идејата на Трифонов за претседателска република

Надежда Јорданова од „Демократска Бугарија” по повод идејата на Слави Трифонов за референдум за претседателска република за бТВ изјави дека нејзината политичка сила се залага Бугарија да биде силна парламентарна република.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јорданова смета дека тие постојано се борат за посилен парламент, за влада која е поодговорна пред Народното собрание и за подобар баланс во земјата, за да има, како што рече, „владеење на правото во наш интерес за сите граѓани”.

Таа рече дека „демократска Бугарија ќе се спротивстави со сите правни средства и ќе ја брани парламентарната република во земјата”. Според неа, претседателската република во слабо демократско општество е одлучувачки чекор кон авторитаризам и тоа нема да го дозволат.

Надежда Јорданова беше министерка за правда на Бугарија во коалициската влада на Кирил Петков. Лидерот на бугарските социјалисти Корнелија Нинова вели дека транзицијата кон претседателска република во Бугарија не може да се направи преку референдум.

Нинова смета дека тоа може да се направи само со одлука на Големото Народно Собрание кое има 400 пратеници, а не со обично народно собрание со 240 пратеници. Според неа, референдумот не може да го промени обликот на владеење во Бугарија.

Таа вели дека партијата на Слави Трифонов „Има таков народ” за време на три парламенти на Бугарија ја уништила можноста за постигнување политичка стабилност, безбедност и функционална редовна влада.

Нинова рече дека во оваа сложена ситуација во која се наоѓа светот, на Бугарија и треба стабилност, безбедност и предвидливост, а не дополнително распаѓање и поделба. Таа потсети дека на претходниот референдум одржан на иницијатива на Слави Трифонов, во неколку состави во Народното собрание ништо не се случило, туку само ја искористиле волјата на народот да гласаат и го излажале.

Back to top button
Close