Ден по невремето во Валенсија: Се градат привремени мртовечници, над 1.000 луѓе заробени на автопатот, најмалку 95 загинати

Катастрофа од неверојатни размери e ситуацијата во Шпанија по апокалиптичните поплави. Валенсија беше најпогодена, а сцените што ги снимија фоторепортерите ден по поплавите го покажуваат обемот на пустошот во делови од Шпанија.

Најмалку 95 лица загинаа, а бројот на жртвите се очекува да се зголеми, бидејќи многу луѓе се водат за исчезнати.

Локалните власти соопштија дека ова е најтешкото невреме што ја погодило Шпанија во последните децении, а штетата ќе трае со месеци за да се поправи.

Луѓето кои избегаа за да преживеат, сега се вратија во своите уништени домови. На автопатите може да се забележат автомобили кои ги однесе поројот. Поголемиот дел од патиштата се уште се поплавени. Во населените места – кал, солзи и очај.

Практично не остана ништо од она што некогаш беа домови на локалните жители. Улиците се преплавени со кал, што го отежнува движењето, но мештаните не се откажуваат. Оние во гумени чизми и солзи во очите се обидуваат да спасат барем дел од својот имот.

Службите за итни случаи во Валенсија, градот Малага и Кастиља-Ла Манча, меѓу другите региони, соопштија дека сè уште работат на пронаоѓање на десетици исчезнати лица.

Судската палата во Валенсија е претворена во привремена мртовечница, соопштија локалните власти, бидејќи се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.

Се смета дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот Валенсија, а 5.000 возила се блокирани од надојдените води.

Back to top button
Close