Десетици илјади се собраа во Израел на погребната поворка на убиената израелска заложничка Шири Бибас и нејзините две деца
Израелските заложници Шири Бибас и нејзините два сина, кои беа убиени во заробеништво во Појасот Газа, беа погребани денеска во Израел, јави ДПА, повикувајќи се на локалните медиуми. Во меѓувреме, палестинската вооружена група Хамас соопшти дека првата фаза од кревкиот договор за прекин на огнот е спасена.
Посмртните останки на Шири и нејзините синови, Ариел и Кфир, беа погребани на гробишта во близина на нивниот дом во Кибуц Нир Оз, објавија медиумите. На барање на семејството, на погребната церемонија не беа дозволени никакви медиуми, но говорите пред него беа директно пренесувани на телевизија.
По форензичко вештачење, израелската војска објави дека двете деца биле убиени на крајно брутален начин од нивните киднапери во ноември 2023 година. Хамас, од своја страна, соопшти дека тие биле убиени во израелски воздушен напад.
Семејството Бибас беше меѓу околу 250-те луѓе киднапирани од милитантите на Хамас во Појасот Газа во невидените напади на палестинската група врз градовите во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кои загинаа околу 1.200 луѓе, вклучувајќи ги и родителите на Шири Бибас. Бруталните напади ја поттикнаа последователната војна во Појасот Газа, во која беа убиени речиси 50.000 Палестинци, забележува ДПА