Деспотовски: Гласовите што Максим Димитриевски ги освои на изборите се од разочарани членови на СДСМ

Гласовите што лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ги освои во првиот круг на претседателските избори на 24 април се всушност гласови на разочарани членови и луѓе кои претходно гласале за СДСМ.

Ова денеска во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21 го изјави членот на СДСМ и актуелен директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.

За потсетување, за Максим Димитриевски на изборите, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), гласаа 83 856 граѓани или 9,26 отсто, додека за актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата, Стево Пендаровски, кој ја има поддршката на СДСМ, освои 180 500 гласа (19,92 отсто). Резултатот што го постигна Пендаровски е двојно помал од оној на неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, за која гласаа 363 086 граѓани (40,08 отсто). Во вториот круг на претседателските избори, кој ќе се одржи заедно со парламентарните, ќе се соочат Силјановска-Давкова и Пендаровски.

ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од изборите, гласањето на трите избирачки места во Куманово нема да биде повторено

Димитриевски, кој е актуелен градоначалник на Куманово, првиот мандат го освои во 2017 година како член и кандидат на СДСМ. Откако не ја доби довербата од партијата за втор мандат, тој на локалните избори во 2021 настапи како независен кандидат со здружение „За наше Куманово“ освојувајќи уште еден градоначалнички мандат.

„Така што, ако гледаме како бројка вкучително и она што го освои нашиот кандидат (Стево Пендаровски) во првиот круг од (претседателските) избори, гласачкото тело е тука и тоа е, да кажеме, една охрабрувачка порака за сите оние што гравитираат околу СДСМ“вели Деспотовски за ТВ 21.

Клучното прашање во моментов според него е што треба да направи СДСМ. Тој вели дека актуелното партиско раководство треба да подаде рака кон избирачите, кон своите членови кои во првиот круг на претседателските избори гласале за лидерот на Движењето ЗНАМ.

„На кој начин тоа треба да се направи – треба да седнеме и да разговараме, меѓутоа повторно кажувам станува збор за наши поранешни, сегашни партиски другари, кои биле заедно со нас во целиот изминат период, во изминатите 20-30 години, во сите тие битки што СДСМ како политичка партија ги водел. И сите тие луѓе треба да знаат дека вратата на партијата, зборувам за избирачите, за членовите коишто гласале, им е секогаш отворена“,изјави Деспотовски.

Во однос на тоа каков ќе биде пристапот кон функционерите на партијата на Димитриевски, и тоа според Деспотовски е работа на пристап и на договор.

Тој направи аналогија со ситуацијата пред парламентарните избори во 2006 година, кога еден дел од СДСМ се одвои и формира нов политички субјект (НСДП), кој влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ при формирањето на тогашната влада по изборите.

„Имавме една таква ситуација 2006 година, слично сценарио во кое се одвои еден дел од партијата, придонесе тогаш ВМРО-ДПМНЕ да стигне до потребниот број пратеници да формира влада. Имаме горе-долу слична најава и сега. Што остана од таа партија е друго прашање. Меѓутоа, добро е што, ајде повторно кажувам, луѓето се тука, гравитираат околу тие централно-левичарски опции и наша задача, наш прв чекор ќе биде тоа гласачко тело да се консолидира. Зборувам итно по изборите. Повторно зборувам примарна задача на новото партиско раководство треба да биде да се подаде рака прво кон сите тие луѓе“,повтори Деспотовски.

Коментирајќи ја силата на СДСМ во идниот парламентарен состав во по изборите на 8 мај, рече дека таа нема да се мери само од бројот на пратеници, иако тој е примарен, туку и од принципиелноста и исправноста на ставовите и политиките што ќе ги гради партијата.

„Така што, важни се бројките во Собранието, не велам не, меѓутоа сме имале периоди во минатото кога бројките не биле сјајни, меѓутоа сме имале исправна политика, сме имале добри кадровски решенија кои доволно помагале. Значи, и со пет и со десет и со 15 и со 20, знаете понекогаш може да имате и 55 пратеници, ајде сега малку политички и кампањски, значи ВМРО-ДПМНЕ имало периоди кога имале 60 плус, но политиките, според мене, а потоа и избирачите го кажаа тоа на изборите, биле погрешни“рече Деспотовски.

Back to top button
Close