Детето паднало од траект во Балтичко море, мајка му скокнала по него: Трагедијата добива нов пресврт
Полјаќиња и нејзиниот седумгодишен син загинале откако паднале од траект на Балтичкото Море кој патувал од Шведска за Полска, изјави во петокот портпаролот на полската полиција, пренесува Хина.

Шведските власти во четвртокот соопштија дека детето паднало од траектот и дека мајката скокнала по него за да го спаси. Извлечени биле од морето со хеликоптер и префрлени во шведска болница.
-За жал, утринава добивме информација од шведска страна дека оваа страшна вест мораме да ја пренесеме на семејството бидејќи и момчето и жената се мртви – изјави портпаролот на полицијата Мариуш Киарка.
Малку подоцна Дејли Мејл објави информација дека шведските власти покренале прелиминарна истрага за овој случај и дека се истражува и евентуално убиство. Не е јасно дали истрагата можеби е насочена кон самата мајка, истакнува Дејли мејл.
Шведскиот траект „Стена спирит“ бил на половина пат до Гдиња во Полска кога се случила несреќата.
– Во моментов немаме информации дали тоа се случило поради дефект на траектот – изјави за ТВН24 портпаролката Стена Линеа.
– Соработуваме со полицијата и другите надлежни органи за расветлување на причините и околностите за овој настан.
Шведската полиција, преку полската новинска агенција ПАП, апелираше до полските патници на траектот да се јават доколку знаат нешто за тоа како се случила несреќата.






