Димитров ја пречека Фон дер Лајен , верува дека посетата е силен сигнал да почнеме преговори

Лајен во Северна Македонија пристигна од Албанија, каде рече дека нејзината порака е јасна оти иднината на Албанија е во ЕУ

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, попладнево пристигна во Скопје. На скопскиот аеродром ја пречека вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

„Посетата е силен сигнал за потребата од дејствување и исполнување на европското верување: почеток на преговорите. Исчекор ни е повеќе од потребен за да ја вратиме вербата и надежта на младите луѓе во европската идеја и перспективата за европски начин на живот дома“, напиша Димитров на социјалните мрежи по пристигнувањето на фон дер Лајен.

Лајен во Северна Македонија пристигна од Албанија, каде рече дека нејзината порака е јасна оти иднината на Албанија е во ЕУ.

На платото пред Владата таа ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино „Фросина“ во МКЦ, кое е реновирано со средства од ЕУ.

Подоцна Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата, во присуство на претседателот на Собранието Талат Џафери и други високи претставници.

 

Back to top button
Close